Тренерот на Реал Мадрид, Алваро Арбелоа, одржа прес-конференција пред натпреварот од Лигата на шампионите против Монако, кој ќе се игра вечерва во 21 часот.
Коментирајќи ги свирежите на дел од публиката на „Сантијаго Бернабеу“, Арбелоа застана во одбрана на бразилскиот напаѓач Винисиус Жуниор.
„Сакам и очекувам поддршка од „Бернабеу“ за сите играчи, а пред сè за Винисиус“, рече тренерот. Тој ја нагласи важноста на навивачите за неговата игра, додавајќи дека „му е потребен „Бернабеу“ за да ја даде својата најдобра верзија“.
Арбелоа го опиша Винисиус како играч со „огромно срце“, кој е многу емотивен, што се рефлектира во неговиот фудбал. Тој ја отфрли можноста да го остави надвор од тимот за да го заштити.
„Тој секогаш ќе биде на теренот кога е достапен и кога настапува вака. Како тренер на Реал, ако сакам да имам шанса да победам, потребен ми е Винисиус на теренот“, заклучи тој.
Арбелоа ги изнесе обвинувањата, тврдејќи дека има организирани напади врз клубот.
„Знам дека има акции за ослабување на Реал Мадрид и знам кој ги организира“, рече тој, но не сакаше да открие повеќе детали.
Кога еден новинар го праша да ги разјасни своите тврдења, тој кратко одговори: „Вие сте новинари. Јас сум тренер на Реал Мадрид и сум фокусиран на натпреварот против Монако. Ја вложувам целата моја енергија и ентузијазам во тоа“.






