Асвел ја напушта Евролигата

Асвел ја напушта Евролигата

пред 5 часа

Францускиот кошаркарски клуб, Асвел од Вилербан би можел да ја напушти Евролигата и да се пресели во Лигата на шампионите по завршувањето на оваа сезона.

Клубот од предградието на Лион ќе аплицира за Лигата на шампионите на ФИБА со цел да стане дестинација за проектот НБА Европа во иднина.

Според весникот „Ле Прогрес“, Асвел има намера да игра во Лигата на шампионите од следната сезона и со тоа да испрати сигнал дека клубот е заинтересиран за проектот НБА Европа.

Францускиот клуб, за кој се очекуваше да ја обнови лиценцата за Евролигата, наводно е подготвен да се повлече од натпреварувањето. Како што е наведено, причината за оваа одлука се хроничните финансиски загуби на клубот.

Доколку ова се потврди, Асвел би го следел патот на Алба од Берлин. Германскиот клуб од оваа сезона игра во ФИБА лигата на шампионите. Во Асвел веруваат дека таков потег би можел да ги стабилизира финансиите на клубот и да послужи како мост кон идното натпреварување НБА Европа, нова лига што НБА ја развива во соработка со ФИБА.

Други француски клубови наводно размислуваат за сличен потег, додека ривалот Монако планира да остане во Евролигата. Монако сè уште нема трајна лиценца и е скептичен во врска со проектот НБА Европа.

„Ле Прогрес“ пишува дека неодамнешната средба во Лондон ги доближила газдата на Асвел, славниот Тони Паркер и неговиот менаџмент до одлуката да „нападнат“ едно од 12-те места основачи во НБА Европа.

Од друга страна, се поставува прашањето дали НБА го гледа Лион, или Вилербан, како потенцијална дестинација на идната мапа на Стариот континент.

Share
Scroll to Top