Атлетико ја пријави Барселона, на повидок нова пресметка меѓу шпанските великани

Атлетико ја пријави Барселона, на повидок нова пресметка меѓу шпанските великани

пред 7 часа

Атлетико Мадрид официјално ја пријави Барселона во Шпанската фудбалска федерација (RFEF), обвинувајќи го каталонскиот клуб за несоодветен и нелегален пристап до нивниот напаѓач Хулијан Алварез.

Аргентинскиот интернационалец има договор со Атлетико до летото 2030 година, но тој навести за време на Светското првенство дека сака да го напушти клубот.

Тоа дополнително го поттикна интересот на Барселона, која го гледа Алварез како едно од клучните засилувања за новата сезона. Според претходните извештаи, Каталонците подготвиле понуда вредна околу 100 милиони евра уште во мај. Интересно Барселона, кој се уште е во финансика криза, не може веднаш да го исплати евентуалниот трансфер, туку сака тоа да го направи во шест рати.

Во Мадрид веруваат дека Барселона ги прекршила правилата преговарајќи со играч кој е под важечки договор, поради што одлучиле да го пријават случајот во националната асоцијација.

Конфликтот меѓу двата клуба не остана само зад затворени врати, Атлетико претходно ја критикуваше Барселона со иронични објави на социјалните мрежи, велејќи им на навивачите „да не веруваат во сè што гледаат, особено кога е поврзано со Барса“.

Барселона, сепак, нема намера да молчи. Според информациите од Шпанија, челниците на каталонскиот клуб подготвуваат одговор и планираат да поднесат жалба во врска со пријавата на Атлетико, што би можело да му даде на конфликтот нова димензија.

Во меѓувреме, Реал Мадрид се вклучи во трката за Алварез. Според достапните информации, „Кралевскиот клуб“ испратил официјална понуда вредна дури 150 милиони евра, но Атлетико ја отфрлил без размислување можноста да го продаде својот најдобар напаѓач на најголемиот ривал во градот.

Извори блиски до клубот од „Метропилитано“ стадионот наведуваат дека понудата била оценета како обид за дестабилизација, а не како сериозна намера за реализација на трансферот.

Хулијан Алварез пристигна во Атлетико во 2024 година од Манчестер Сити во трансфер вреден до 95 милиони евра и многу брзо стана еден од клучните играчи во тимот на Диего Симеоне.

И покрај силниот интерес од европските гиганти, останува да се види дали тој навистина ќе го промени клубот ова лето или ќе остане на стадионот „Метрополитано“, бидејќи се разгорува еден од најголемите трансфер спорови во шпанскиот фудбал во последните години.

Foto/ Depositphotos

Share
Scroll to Top