Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (20:45 часот) ќе го одигра последниот натпревар од квалификациите за Светското првенство 2026.
Со нерешен резултат или победа на гостувањето во Кардиф против Велс, нашиот национален тим ќе го обезбеди второто место во групата, што значи и поповолен ривал во плејофот за пласман на Мундијалот.
Капитенот Енис Барди е убеден дека Македонија има сили да се справи со притисокот и предизвикот што ги очекува, и покрај тоа што атмосферата во Кардиф ќе биде силно наклонета кон домаќините. Тој истакна дека поддршката на навивачите од Македонија ќе биде нивниот најголем мотив.
„Секогаш нагласувам дека треба да уживаме во секој момент, најпрво затоа што имаме чест да ја претставуваме нашата земја, а потоа и затоа што знаеме дека сите луѓе дома се со нас. На трибините можеби ќе имаме малку навивачи, но во душата знаеме дека цела Македонија ќе ни дава сила. Не очекува тежок дуел, но сме подготвени да дадеме вистински одговор“, изјави капитенот Барди.
Извор/ Фудбалска федерација на Македонија






