Играчот од средниот ред на Тотенхем, Ив Бисума, наводно е жртва на голема измама во која изгубил повеќе од 800.000 фунти (околу 950.000 евра), а средствата биле префрлени од неговата банкарска сметка без негово знаење.
Загубата, како што е наведено, се случила помеѓу септември 2022 и јуни 2024 година, а осомничениот бил уапсен пред повеќе од една година и се соочува со затворска казна, пишува „Goal.com“.
Според „Сан“, Бисума претрпел значителни финансиски загуби предизвикани од Морис Гомес (31). Тој бил приведен во 2024 година откако фудбалерот го пријавил кај властите.
Полицијата потврди дека во октомври оваа година, Гомес бил обвинет за „две обвиненија за измама со лажно претставување“. Доколку биде прогласен за виновен, максималната казна за секое кривично дело е 10 години затвор.
Парите наводно биле префрлени од ВИП банкарската сметка на Бисума кај Кутс – банка што ја користат голем број познати личности, вклучувајќи милијардери и членови на кралското семејство.
Судските документи наведуваат дека Гомес „нечесно си ги префрлил парите на Бисума без знаење или согласност од ѕвездата на Премиер лигата“.
Обвинителите тврдат дека тој стои зад нелегалните трансфери во вкупен износ од 834.334,40 фунти, дејствувајќи „за лична корист“. Сè уште не е јасно како Гомес можел да пристапи до сметката.
Бисума, кој заработува 50.000 фунти неделно и живее во куќа од 1,4 милиони фунти, треба да се појави на суд и се очекува да даде докази.
Освен финансиските проблеми, Бисума имаше и други непријатности. Во јуни 2024 година, часовник вреден 255.000 фунти му бил украден додека фудбалерто се наоѓаќ во Кан. Инцидентот се случи околу 4 часот наутро пред луксузниот хотел каде што бил со својата партнерка.
Оваа сезона, 2025/26, тој сè уште не запишал настап за Тотенхем, а својот последен натпревар го одигра на 25 мај против поранешниот клуб Брајтон. Неговиот договор истекува во летото 2026 година, кога ќе стане слободен агент.






