(Видео) Едвардс ги реши Лејкерси, Бостон шампионски во Орландо, Индијана победи во Милвоки

(Видео) Едвардс ги реши Лејкерси, Бостон шампионски во Орландо, Индијана победи во Милвоки

пред 11 месеци

Кошаркарите на Минесота, Бостон и Индијана поведоа со 3:1 во четвртфиналните конференциски серии против ЛА Лејкерс, Орландо и Милвоки.

Лејкерси, во Минеаполис паднаа во финишот, откако во речеиси целиот тек од натпреварот имаа предност, најчесто до 10 поени. Минесота, предводена од Ентони Едвардс победи со 116:113.

Неверојатно, но вистинито, тренерот на Лејкерси, Џеј Џеј Редик, второто полувреме го одигра со само пет кошаркари.

Најефикасен на натпреварот беше неверојатниот Ентони Едвардс (12/23), со 43 поени. Покрај тоа, тој имаше девет скока и шест асистенции.

Го следеше Џулиус Рендл со 25 поени и седум скока, Џејден МекДениелс го заврши натпреварот со 16 поени и 11 скока, а Наз Рид беше двоцифрен со 12 поени.

За Лејкерси, Лука Дончиќ имаше 38 поени (13/28), Леброн Џејмс беше на работ на трипл-дабл со 27-12-8, додека Руи Хачимура имаше 23 поени и пет скока. Остин Ривс имаше 17 поени, седум скока и четири асистенции.

Бранителите на титулата, Бостон Селтикс славеа во Орландо со 107:98. Селтиксите до победата ги предводеше Џејсон Тејтум со 37 поени, 14 скока и три асистенции.

По него следуваа Џејлен Браун со 21 поен и 11 скока, Кристапс Порзингис со 19 поени и Дерик Вајт со 18 поени и седум скока и асистенции. На Орландо не му помогна ниту одличната игра на Паоло Банкеро, кој постигна 31 поен и имаше седум скока, додека Германецот Франц Вагнер даде 24 поени, запиша шест скока и седум асистенции.

Уште поубедлива победа од 129:103 забележаа Индијана Пејсерсе во Милвоки, но поразените треба да бидат повеќе загрижени за повредата на Дамијан Лилард, кој замина во соблекувалната со помош на тренерскиот штаб.

„Искрено,состојбата не е ветувачка… Веднаш знаев, ми е жал за него, а тој само сакаше да се врати во тимот. Ова е тешко, прво имаше проблем со тромбозата, а сега ова“, истакна тренерот на Бакс, Док Риверс.

Лилард се држеше десниот глужд, а се стравува дека ја скинал Ахиловата тетива.

Индијана славеше на крилата на Мајлс Тарнер (23 поени), а по него следеше Канаѓанецот Метју Нембхард со 20.

Уште пет играчи на Пејсерс имаа двоцифрен број на поени. Тајрис Халибартон запиша дабл-дабл со 17 поени и 15 асистенции.

На спротивната страна, најмногу се истакна Јанис Адетокунбо со 28 поени, 15 скока и шест асистенции, Боби Портис забележа 23 поени, пет скока и шест асистенции.

Share
Scroll to Top