(Видео) Легендите на Ливерпул му честитаа на Салах за новиот рекорд

(Видео) Легендите на Ливерпул му честитаа на Салах за новиот рекорд

пред 14 часа

Мохамед Салах го постигна својот 250-ти гол за Ливерпул, со што „црвените“ ја прекинаа серијата од четири порази во Премиер лигата со победа над Астон Вила во еден од дерби натпреварите од десеттото коло на англиското првенство.

Египќанецот без размислување го прифати „подарокот“ од гостинскиот голман Емилијано Мартинез и на крајот од првото полувреме му донесе водство на Ливерпул.

Тој гол го стави Салах во одбраното друштво на најдобрите стрелци на клубот на сите времиња. Тој им се придружи на Ијан Раш и Роџер Хант, стана третиот играч на Ливерпул кој постигнал 250 или повеќе голови во сите натпреварувања за славниот клуб од „Енфилд“.

Исто така, тој гол го најави крајот на црната серија во која шампионот на Англија неочекувано падна губејќи четири натпревари во Премиер лигата.

По натпреварот против Астон Вила, во кој „црвените“ победија со 2:0 и стигнаа до третото место на табелата, меѓу првите што му честитаа на Салах за ова достигнување беа легендарните фудбалери на Ливерпул, Стивен Џерард и Стив Мекманаман.

Тие беа во улога на стручни аналитичари за дербито и пред да ги дадат своите коментари пред ТВ камерите, срдечно го поздравија Египќанецот.

Нивните фотографии и видеа заедно ги воодушевија навивачите на „Црвените“. Многумина коментираа дека прегратката на легенда како Стивен Џерард беше токму она што му требаше на Салах за да ја почувствува поддршката по неодамнешните критики за неговите лоши резултати и неговата лоша форма во претходните натпревари.

Многу поголем предизвик го чека тимот на Ливерпул веќе во вторник – големото дерби од Лигата на шампионите против Реал Мадрид на „Енфилд“, а потоа и дербито од Премиер лигата против Манчестер Сити во недела, 9 ноември на „Етихад“.

Познатиот Велшанец Ијан Раш е најдобар стрелец на Ливерпул на сите времиња со 346 гола, втор е Англичанецот Роџер Хант со 285, а трет е Мо Салах со 250.

Share
Scroll to Top