(Видео) Оклахома во финалето на НБА – Шеј повторно е MВП

(Видео) Оклахома во финалето на НБА – Шеј повторно е MВП

пред 2 дена

Кошаркарите на Оклахома се пласираа во финалето на плејофот на Американската професионална кошаркарска лига (НБА).

Во петтиот натпревар од финалната серија на Западната конференција, играчите на Тандер ја победија Минесота со 124:94 на домашен терен.

Оклахома ја доби серијата со вкупен резултат од 4:1, а за најкорисен играч (MВП) на финалето на Западната конференција беше прогласен плејмејкерот на Тандер, Шеј Гилџес-Александер, кој во финалната серија имаше просек од 31,4 поени, 8,2 асистенции и 5,2 скока.

Најефикасен во тимот на Оклахома во петтиот натпревар од серијата беше Шеј со 34 поени, осум асистенции и седум скока.

Чет Холмгрен додаде 22 поени, седум скока и три блокади, Џејлен Вилијамс имаше 19 поени, осум скока и пет асистенции, додека Лугенц Дорт имаше 12 поени и три украдени топки.

Во тимот на Минесота, Џулиус Рендл беше најефикасен со 24 поени. Ентони Едвардс додаде 19 поени и шест скока, додека Наз Рид и Теренс Шенон Џуниор постигнаа по 11 поени.

Ова е прв пласман на Оклахома во финалето на НБА плејофот од 2012 година, кога загуби од Мајами во финалната серија со вкупен резултат од 1:4.

Во финалето од НБА плејофот оваа сезона, Оклахома ќе игра против победникот од дуелот помеѓу Индијана и Њујорк, во кој Пејсерс водат со 3:1.

Тандер се наследници на Сиетл Суперсоникс, кои ја освоија својата единствена НБА шампионска титула во 1979 година.

Share
Scroll to Top