(Видео) Прва сензација на СП – Зеленортските острови освоија бод против Шпанија

(Видео) Прва сензација на СП – Зеленортските острови освоија бод против Шпанија

пред 3 часа

Дебитантите на светските првенства, Зеленортските острови ја режираа првата вистинска сензација на Мундијалот во САД, Канада и Мексико. Во Атланта, малата држава во Атланскиот океан, одигра 0:0 со актуелниот европски првак Шпанија. Апсолутен херој на натпреварот е 40-годишниот голман, Возиња.

Екипата на Луис де ла Фуенте напаѓаше во текот на целиот натпревар, но не успеа да го пробие двојниот блок предводен од голманот Возиња. На крајот, 0:0 и историски прв бод на Мундијалите за Зеленортските острови.

Шпанија го започна натпреварот со силен состав, иако големи имиња како Дани Олмо, Ламин Јамал и Нико Вилијамс беа на клупата од самиот почеток.

Сепак, тренерот Луис де ла Фуенте има многу широк состав, па започна со Гави, Ојерзабал и Феран Торес како напаѓачи. Но, во првото полувреме, Капе Верде не им дозволи многу на Шпанците.

Дури во 39-та минута европскиот шампион создаде одлична шанса. Марк Кукуреља со глава ја врати топката од втората статива кон средината, а Феран Торес ја погоди гредата. Во истата акција, шутираше и Микел Ојерзабал, но неговиот обид го одбрани Возиња.

До крајот на првото полувреме имаше уште две интервенции. Го одбрани ударот со глава на Лапорт по корнер и уште еден удар на Феран Торес од околу 10 метри.

Мачењето на Шпанците продолжи и во остатокот од натпреварот, а во 71-та минута, Де ла Фуенте одлучи да ја испрати големата ѕвезда Ламин Јамал на теренот. Јамал не играше фудбал во последните два месеци поради повреда. Шпанија напаѓаше и бараше гол вреден три бода, но не го најде патот до мрежата на противникот до крајот.

Вториот натпревар од првото коло од оваа група ќе се игра точно на полноќ, а Саудиска Арабија и Уругвај ќе се борат за бодови во Мајами.

Второто коло е закажано за 21 и 22 јуни, а ќе се сретнат Шпанија – Саудиска Арабија и Уругвај – Зеленортските острови.

Foto/ EPA

Share
Scroll to Top