Фудбалската репрезентација на Шпанија, в недела, ќе се бори за титулата на 23-то Светско првенство. Шпанците вечерва, во Далас, им одржаа час по фудбал на најголемите фаворити на првенството, Французите, славеа со 2:0 (1:0). Стрелци на головите беа Микел Ојерзабал од пенал и Педро Поро.
Шпанија е светска сила, тоа го знаеја сите, а вечерва на своја кожа го почувствуваа Французите.
Тактички, момците на Луис де ла Фуенте, одиграа перфектен натпревар. Го контролираа од првата до последната минута. Ги исклучија од натпреварот најголемите француски ѕвезди (Мбапе, Дембеле, Олисе) и ги соголија сите слабости во одбраната на „триколорите“.
Шпанија не и дозволи на Франција ниту една сериозна шанса за гол. Во текот на целиот меч Французите два пати шутнаа и го натераа на одбрана Унаи Симон.
Францускиот брод започна да тоне кога Лукас Дињ направи наивен пенал врз Јамал, а Ојерзабал го постигна првиот гол.
Вториот во 57-та минута е плод на филигрантска акција, а стрелец беше десниот бек, Педро Поро.
Шпанија в недела, во своето второ мундијалско финале ќе се борат за втората титула. Противник ќе им биде победникот од утрешното полуфинале меѓу Аргентина и Англија.






