Манчестер Сити полесно од очекувањата, со 3-0 славеше против секогаш незгодниот Тотенхем предводен од Жозе Мурињо.
Избраниците на Пеп Гвардиола стигнаа до победата со доминација во сите 90 минути, со двојно повеќе упатени удари кон противничкиот гол.
А натпреварот можеше да има друг тек доколку во 14 минута по слободниот удар на Хари Кејн топката наместо во стативата завршеше во мрежата на Едерсон.
Не помина многу, во 21 минута Хојбјерг грубо стартуваше во својот казнен простор и Сити доби пенал. Иако голманот Едерсон се надеваше дека Гвардиола ќе му даде можност да шутира од белата точка, одговорноста му припадна на Родри кој во 23 минута донесе 1-0.
Најдобриот играч во Премиерлигата за месец јануари, Илкај Гундоган повторно во елемент. Два гола одат зад неговото име.
Во 50 минута по асистенцијата на Стерлинг носи предност од 2-0, а во 66 минута по додавањето на Едерсон прецизно стрела во десниот долен агол за недостижни 3-0.
Манчестер Сити е лидер на табелата сега со +7 ( и меч повеќе) од второпласираниот Лестер, додека Манчестер Јунајтед во моментов е на -8 зад градскиот ривал.
Тотенхем е на осма позиција со 36 поени.