Шпанскиот голман на Интер, Хозеп Мартинез, беше вклучен во тешка сообраќајна несреќа во градот Фенегро, недалеку од Комо, во која животот го загуби 81-годишен маж во инвалидска количка, објавија италијанските медиуми.
Трагедијата се случила во утринските часови, околу 9:30 часот, во близина на тренинг центарот на Интер.
Според првите извештаи, постариот маж, од сè уште непознати причини, преминал на спротивната лента од патот, во моментот кога поминувал автомобилот управуван од Мартинез.
Итните служби брзо пристигнале на местото на несреќата, но и покрај напорите на лекарите, човекот не преживеал.
Италијанските портали наведуваат дека е можно на жртвата претходно да и се слошило, што довело до кобната несреќа.
Мартинез, кој летово пристигна во Интер од Џенова како резерва на швајцарскиот голман Јан Зомер, не го коментираше инцидентот, а истото важи и за клубот од Милано.






