Буркина Фасо ја победи Екваторијална Гвинеја со 2:1 во првиот натпревар од Групата Е на Африканскиот куп на нации. Екваторијална Гвинеја водеше со 1:0 до 95-та минута со голот на Марвин Аниебо, но Буркина Фасо направи пресврт со головите во 95-та и 98-та минута. Прво, Георги Минунгу постигна гол за израмнување, додека Едмонд Тапсоба постигна гол за победа.
Со голот што го постигна 23-годишниот Минунгу, ја испиша најубавата приказна на Африканскиот куп.
Станува збор за фудбалер кој може да гледа само со едно око. Во 2022 година, тој се пресели од втората чешка лига во резервниот тим на Сиетл Саундерс во САД. По година и пол, тој беше промовиран во првиот тим и отпатува во Марбеља на подготвки, но патувањето се претвори во кошмар.
По неколку тренинзи, неговото око почна да отекува и поради инфекција. Иако на почетокот не мислеше дека е нешто сериозно, состојбата брзо се влоши.
„Поцрне, потоа поцрвене. По две недели беше целосно бело“, изјави тој за „Sport Bible“, во јуни. Дури и итната операција не успеа да му го спаси левото око бидејќи нервите целосно умреа.
Лекарите тогаш му рекле дека никогаш повеќе нема да може да игра фудбал, но тој не сакал да го прифати тоа. Го замолил клубот да му дозволи да продолжи да тренира.
„Реков: „Ако сум добар, продолжувам. Ако не сум, престанувам.““ И тој беше добар.
„Тренирав понапорно од кога било досега. Веќе не можев да гледам сè, но можев да ја почувствувам играта. Можев да ја прочитам. Се адаптирав. Неверојатно е што може да постигне мозокот. Понекогаш воопшто не го гледам дефанзивецот, го чувствувам. Потоа едноставно одам во друга насока. Инстинкт, преглед на играта, чувство, сè се спојува“, објаснува тој.
Фактот дека денес е петкратен репрезентативец и стрелец на Африканскиот куп на нации се должи на Светското клупско првенство одржано минатото лето.
„Тој турнир ме направи познат, бидејќи МЛС не екогаш се следи одблизу“, објасни тој во интервју за Африканската фудбалска конфедерација.
Foto/ EPA






