Жестоки критики за Тен Хаг од поранешните премиерлигашки ѕвезди

Жестоки критики за Тен Хаг од поранешните премиерлигашки ѕвезди

пред 1 година

Поранешните премиерлигашки асови се остри во критиките кон холандскиот менаџер на Манчестер јунајтед, Ерик тен Хаг. Јунајтед вчера доживеа тежок пораз во градското дерби од Манчестер сити (0:3). Рој Кин бара од Тен Хаг да му ја одземе капитенската лента на Бруно Фернандеш

Ниту „д“ од дербито на „Олд Трафорд“. Сити ја продолжи доминацијата над градскиот ривал. Разликата во класата е евидентна во корист на тимот на Пеп Гвардиола.

На Јунајтед ќе му биде тешко да стигне до Лигата на шампионите, па дури и до европските купови, ако продолжи вака. Маркус Рашфорд не е во форма, а критиките на Островот првенствено се насочени кон менаџерот Ерик тен Хаг. Коментаторите на Островот, поранешни асови на Премиер лигата, се согласуваат дека Јунајтед е само бледа сенка на некогаш големиот клуб, дека кризата е евидентна.

„Тоа беше фудбалска лекција. Манчестер јунајтед не знаеше што да прави“, изјави поранешниот играч на Сити, Мика Ричардс, пренесува „Скај спорт“.

Долгогодишниот играч на Јунајтед Гери Невил ја призна немоќта на својот сакан клуб.

„Во првото полувреме играа двата тима, во второто само еден. Настана хаос. Јунајтед исчезна во второто полувреме“, изјави Невил.

Публиката во Театарот на соништата ја исвирка одлуката на Ерик тен Хаг да го извади од игра Данецот Расмус Хојланд во финишот, кога шанса му даде на Аргентинецот Гарначо. Исто така, на почетокот на второто полувреме Мејсон Маунт го замени Мароканецот Амрабат. Наместо да оживее, Јунајтед потона во продолжението.

„Тоа не беше добра промена. Кога влего резервите играта на Јунајтед стана полоша“.

Невил вели дека неговиот гнев не е насочен кон Тен Хаг.

„Мислам дека тој не е главниот проблем. Токсичноста во овој клуб го јаде секој менаџер и играч што доаѓа овде“.

На прашањето дали е за промена на менаџерот, Невил беше категорично против.

„Апсолутно не, но нема сомнеж дека Ерик има проблеми“, изјави поранешниот капитен на тимот од „Олд Трафорд“.

Џејми Карагер беше најстрог кон Холанѓанецот.

„Тој е тука 18 месеци и никој од нас овде не може да објасни што се обидува да направи Манчестер јунајтед. Играат аутсајдерски фудбал на контра напади и долги топки. Ниту еден друг врвен тим не игра така”, изјави поранешниот ас на Ливерпул.

Јунајтед загуби пет од своите 10 натпревари во Премиер лигата. Победите ги забележаа против екипи од долниот дел на табелата Вулверхемптон, Брентфорд, Шефилд јунајтед, Барнли и Нотингем Форест.

Рој Кин упати отровни стрели кон Португалецот Бруно Фернандеш. Тој побара од Тен Хаг да му ја одземе капитенската лента што беше на раката на Хари Мегваер минатата сезона.

„Би му ја земал капитенската лента. Знам дека тоа е голема одлука, но Бруно не е за капитен, го нема капитенскиот материјал. Тој е талентиран играч без сомнение, но она што го видов беше истото во Ливерпул минатата сезона, плачење и постојано кревање на рацете. Тоа навистина не е прифатливо“, изјави пргавиот Ирец.

Во изминатата недела беспомошност беше забележана и против Копенхаген во Лигата на шампионите, кога Камерунецот Онана со одбранет пенал во судиското надополнување спаси три бода против аутсајдерите во ЛШ.

Share
Scroll to Top