Инфантино доби поддршка од Африка, Аргентина и Мексико

Инфантино доби поддршка од Африка, Аргентина и Мексико

пред 4 часа

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, се најде во центарот на најголемата криза во неговиот мандат откако неговите тајни планови за продажба на удел во Светското првенство пропаднаа. Иако контроверзниот предлог беше повлечен под притисок од клучните засегнати страни, кампањата за негово отстранување продолжува, а УЕФА продолжува да се заканува со бојкот на натпреварувањата што ги организира ФИФА.

Откако плановите за продажба на комерцијаните права, на приватни инвеститори беа објавени во јавноста, Инфантино беше принуден да го повлече контроверзниот предлог под притисок од азиските, европските и северноамериканските конфедерации, како и од светските лидери и незадоволните вработени во ФИФА. Сепак, заканата од европски бојкот на Светското првенство е сè уште многу реална.

УЕФА инсистира на бојкот

Европската фудбалска федерација (УЕФА) повтори дека повеќе нема доверба во Инфантино и ја потврди својата закана за бојкот на Светското првенство. Европската куќа на фудбалот планира да продолжи со бојкотот сè додека Инфантино не ја напушти својата функција.

Минатата недела, на глобалниот бунт против Инфантино му се придружи КОНКАКАФ – управното тело на фудбалот во Северна и Централна Америка и Карибите – кое издаде остра изјава против него.

Дополнителен удар на Инфантино му зададе ФИФПРО, глобалниот сојуз на професионални фудбалери, кој го нападна проектот „ФИФА Форвард Ентерпрајз“. Во соопштението се вели: „ФИФА Форвард Ентерпрајз (ФФЕ) е минато. Злоупотребата на моќ што го создаде не е. Итно се потребни реформи во управувањето, а не прикривање.“

Инфантино сега се обидува да го возврати ударот и собира сојузници. Африка едногласно го поддржа

Соочен со растечкиот притисок, Инфантино се обидува да ја спаси својата позиција. Во среда вечерта, на вонредниот состанок одржан во Мароко, ФИФА објави дека претседателот има „целосна поддршка“ од членовите на Советот, признавајќи дека се направени „грешки“ во отфрлениот план. Тие исто така изјавија дека испратиле писма со извинување до разни фудбалски асоцијации и дека ќе спроведат внатрешна ревизија.

Инфантино доби клучна поддршка од Африка. Конфедерацијата на африкански фудбал (КАФ), која има 54 члена, во четврток објави дека нејзиниот извршен одбор „едногласно ја потврдил својата поддршка“ за Инфантино, заблагодарувајќи му се за неговата „поддршка за африканскиот фудбал“.

Соопштението го потврдува статусот на Африка како најсигурен блок на Инфантино, намалувајќи ги шансите неговите противници да го соберат потребното мнозинство за да го отстранат.

Мароко, кој ќе биде ко-домаќин на Светското првенство во 2030 година, е предводник на африканската поддршка, а се шпекулираше дека Инфантино му понудил за возврат да биде домаќин на финалето наместо Шпанија.

Сепак, новинарот Махер Мезахи забележува дека африканското единство може да биде поткопано од соперништвото меѓу Алжир и Мароко, што отвора простор противниците на Инфантино да освојат неколку гласови од тој континент.

Мексико и Аргентина застанаа на страната на Инфантино

И додека отпорот изгледаше обединет, на американскиот континент дојде до поделба. Мексиканската фудбалска федерација (ФМФ) шокираше со одлуката да го поддржи Инфантино, со што се спротивстави на ставот на сопствената конфедерација, КОНКАКАФ.

„ФМФ нема да признае ниту одобри никаков процес свикан надвор од оваа институционална рамка и го прифаќа повикот на претседателот Инфантино… да продолжиме заедно да го развиваме фудбалот“, се вели во соопштението за медиумите на ФМФ.

Аргентина тргна по стапките на Мексико. Во писмо упатено до Инфантино, Аргентинската фудбалска асоцијација (АФА) изрази поддршка за неговата 10-годишна работа, нагласувајќи го развојот на фудбалот и транспарентниот модел на управување, според официјалното соопштение за медиумите на АФА. Тие нагласија дека продолжувањето на работата под негово водство е единствениот пат напред.

Во меѓувреме, поранешниот американски претседател Доналд Трамп негираше какво било знаење за планот на Инфантино да го продаде Светското првенство.

Foto/ Depositphotos

Share
Scroll to Top