Италијанците го селат Елмас од Наполи во Бенфика

Италијанците го селат Елмас од Наполи во Бенфика

пред 3 години

Фудбалскиот клуб Наполи, како последица на пандемијата со коронавирусот, се соочува со големи финансиски проблеми, кои ќе се зголемат доколку клубот не избори пласман во Лигата на шампионите. Поради тоа, претседателот Аурелио Де Лаурентис, планира да направи реконструкција во летниот преоден рок.

Еден од фудбалерите кои би можеле да го напуштат клубот е и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас.

Елмас, во летниот преоден рок во 2019 година, за сума од околу 16 милиони евра од Фенербахче пристигна во Наполи. Првата сезона, во клубот, беше сосема добра за него, ако се има во предвид дека пристигна во многу посилно првенство од турското, но според италијанските медиуми, во клубот биле разочарани од неговите настапи оваа сезона.

Сигурно е дека „заслуги“ за ова има и тренерот Џенаро Гатузо, од кого Елмас започна да добива повеќе шанси дури откако Наполи се соочи со голем број на повредени играчи.

Наводно, интерес за Елмас, покажал португалскиот великан Бенфика. Наполи за соодветна сума би се согласиле на трансфер. Италијанците тврдат дека за 20 милиони евра, Наполи би се согласил да го продаде Елмас.

Прашање е само дали Бенфика ги има овие пари, бидејќи и нив ги погоди финансиската криза.

Елмас има одиграно 63 натпревари за Наполи, на кои постигнал четири гола.

Share
Scroll to Top