Барселона би можела да остане без најдобриот напаѓач до крајот на преодниот рок. Имено, полскиот напаѓач Роберт Левандовски, ѕвездата на каталонскиот клуб, би можел да го напушти клубот ова лето откако добил понуда од Саудиска Арабија која вклучува неверојатни 50 милиони евра годишно.
Левандовски, кој наполни 37 години на почетокот на месецот, има договор со Барселона до крајот на следната сезона. Тој дојде во клубот во 2022 година од Баерн. И покрај своите години, Левандовски имаше извонреден настап минатата сезона, постигна 42 гола на 52 настапи за Барселона во сите натпреварувања.
Сите очекуваа тој да го предводи нападот на „блауграната“ и во новата сезона. Во јуни, Левандовски за „Билд“, изјави дека ќе остане во клубот:
„Останувам и следната сезона. Во моментов, моите мисли се насочени само кон Барселона. Нашиот тим ќе биде уште подобар следната сезона. Се чувствувам одлично физички. Моето тело е како да имам 30 години. На крајот на денот, го правам она што ми кажуваат срцето и главата.“
Сепак, сега постои одредена неизвесност околу неговата иднина во Барселона, бидејќи пристигнала понуда од Саудиска Арабија. Според информациите од шпанскиот „Ел Национал“, Левандовски добил предлог за договор за две години со износ од 100 милиони евра од неименуван клуб.
Покрај тоа, му биле понудени „дополнителни погодности“ што вклучувале бенефиции за него и неговото семејство, под услов да го потпише договорот. Спортскиот директор на Барселона, Деко, исто така го замолил Левандовски да донесе одлука што е можно поскоро, за да може клубот да реагира соодветно на пазарот во случај да биде потребно.
Foto/ EPA/ALBERTO ESTEVEZ