Лина Ѓорческа: Сè уште не сум свесна за успехот

Лина Ѓорческа: Сè уште не сум свесна за успехот

пред 58 минути

Од специјалниот известувач од Вимблдон Ненад Живановски – Столиќ

И тоа се случи! – Македонија по прв пат има свој претставник во сингл конкуренција на еден Гренд Слем турнир. И тоа не било кој, туку на оној најдобриот, најексклузивниот, НАЈСЛАВНИОТ. На Вимблдон! За некои и неофицијалното светско првенство во тенис.

Некои би рекле чудо се случи, но само додека не ги видат резултатите кои Лина Ѓорческа ги оствари во овие три последователни денови.
Всушност, последниот, кој требаше да биде и најтежок, против Италијанката Луција Брозети, која е за стотина места подобро пласирана на ВТА листата, беше и најлесниот. Лина победи со 6-1 и 6-2 во сетови. Не беше тоа само победа, туку доминација на теренот, а можеби и најава дека формата оди во нагорна линија, и вистинската експлозија треба да се случи од понеделник на главните вимблдонски терени.

Чудата се можни, и затоа се случуваат. А, овој ден тоа го навестуваше од самиот негов почеток, како во воздухот во Раухемптон да лебдееше некоја неопислива енергија, која на нас малкуте Македонци ни влеваше доверба дека конечно е дојден и тој ден.

Во тој дух и го започнав разговорот со Лина веднаш по победата. Во ваква прилика нема што умно да се каже, туку само треба да се цитираат шампионите. Затоа и првото прашање беше всушност потсетување на едни зборови, изговорени во друго време, по друг повод, но во иста победничка атмосфера. „Леле луѓе што направивме“?!

„Баш така. Буквално истите зборови на Влатче функционираат и денеска. Искрено, сè уште не сум свесна за успехот бидејќи кога доаѓаш од Македонија е успех и само да играш во квалификациите, а камо ли да стигнеш до главниот турнир, така што немам зборови со кои би ја опишала среќата.“

Победата и успехот кој го носи таа, е она што е последното, кое сите го гледаат, но вистинското прашање е што му претходело на тоа, како се стигнало до тој триумф. Лина во првото интервју од Вимблдон откри дека подготовките во Скопје воопшто не биле едноставни, бидејќи импровизирале тренинзи на вештачка трева, која е многу поразлична од онаа на Вимблдон. Во такви услови и околности, дали верувала дека може да ѝ се случи најголемиот успех во кариерата, но и на македонскиот тенис.

„Нормално дека секој доаѓа на турнир со таква намера и желба. Да победува, да стигнува што подалеку. Сепак, свесна бев и каква е тука конкуренцијата, дека сите сакаат да играат на главниот турнир и го даваат најдоброто од себе. Знаев во Скопје дека нема да биде лесно, тревата е нај специфична од сите други подлоги, меѓутоа за сите денови во Лондон се чувствував добро. Не бев сигурна дека ќе влезам во главниот дел, но дека имав добра мисла – секако, дека да.“

Ова ѝ е на Лина трет квалификациски турнир (претходно на Австралија Опен и Вимблдон) во кој играла во третиот, завршен меч, и се покажа како трета среќа. Што е поразлично денес, за конечно да се помине и таа последна пречка и се влезе во главниот жреб?

„Се сеќавам дека во Австралија пресудија неколку други моменти. Тогаш бев повредена, играв со скршена рака. Сега ја поминав и таа последна пречка што нормално ме прави многу среќна. Ноќта пред мечот ми беше како и сите останати. Поради вчерашниот меч подолго останавме на терените, и немав време да размислувам. Сабајле почнав да чувствувам некоја позитивна трема, меѓутоа кога започна мечот потполно заборавив дека сум тука, туку само гледав како да го добијам мечот“.

Првиот противник на Лина ќе се знае во петок, кога ќе биде одржана жрепката во Вимблдон. Во разговорот за Макфакс таа изјави дека воопшто не се оптеретува со тоа, кој сака нека биде, таа ќе си ја игра својата игра и ќе го даде најдоброто од себе.
На, крајот од разговорот, иако го претпоставував одговорот на Лина, сепак ја прашав на кого му ја посветува оваа победа и својот најголем успех. Тивко, со насолзени очи, одговорот беше:

„На мојот татко.“

Share
Scroll to Top