Македонската одбојкарска репрезентација никако не може да го комплетира тимот на Европското првенство.
Македонија во првите две кола доживеа порази од Финска и Холандија. На овие натпревари, селекторот, во тимот ги немаше Стојан Илиев и Васе Михаилов.
Илиев и Михаилов се ставени во изолација веднаш по пристигнувањето во Тампере. Тие седеле најблиску до двајца патници кои подоцна добиле позитивни тестови на коронавирусот.
Одлуката да бидат ставени во изолација е дискутабилна, бидејќи македонската делегација во Тампере, од ЦЕВ, добила информација дека двајцата одбојкари немале позитивни туку сомнителни тестови.
Македонската делегација побарала објаснување од ЦЕВ, бидејќи Илиев и Михаилов се во изолација од 26.август.
Дополнителен проблем пред утрешниот дуел со Турција, за селекторот, претставува и повредата на Манџуков.
Македонија ќе игра против Турција утре во терминот од 13 часот.