Познатиот португалски тренер Жозе Мурињо е во врвниот фудбал две и пол децении и сè уште ја чувствува истата страст, не размислува за пензионирање.
Сè уште е гладен за фудбал.
„Што ме храни како тренер? Сè уште е желбата за победа. Сакам да победувам на секој следен натпревар, навистина си ја сакам работата. Не можам да најдам никаква причина да не продолжам, да не се чувствувам доволно млад. Не гледам никаква разлика помеѓу Мурињо кој започна пред 20 години и денес. Нема никаква разлика“, рече познатиот тренер во големо интервју за португалскиот „А Бола“.
Сепак, забележа дека во меѓувреме се случиле големи промени во светот на фудбалот, особено кај тренерите.
Тој, исто така, коментираше за денешните менаџери во најсилната лига во светот, Премиер лигата.
„Дојдов во Премиер лигата како победник на Лигата на шампионите во 2004 година. Таа година, во Премиер лигата имаше само двајца странски тренери: Бенитез и јас. Тој дојде во Ливерпул откако го освои Купот на УЕФА со Валенсија. (Во Премиер лигата тогаш беше и Арсен Венгер и уште двајца странски тренери). Сега во Премиер лигата доаѓаат тренери чии имиња дури и не ги знам. Не сакам никого да навредам, тоа е реалноста. Има тренери кои се избираат врз основа на некои податоци, бројки, а не поради победи. Се чини дека денес идеите се поважни од победите“, се чуди Жозе Мурињо.
Португалецот е на клупата на турски Фенербахче од минатото лето. Претходно работеше во Бенфика, Леирија, Порто, Челзи, Интер, Реал Мадрид, Манчестер јунајтед, Тотенхем и Рома.
Освои близу 30 титули и купови како главен тренер и уште десетина како асистент додека му помагаше на Боби Робсон во Порто и Барселона.
Фото/ Принскрин