Една од најдобрите пливачки на денешницата, Австралијката Аријарне Титмус, изненадувачки објави дека ја завршува кариерата.
25-годишната Титмус освои осум олимписки медали, од кои четири златни, три сребрени и еден бронзен. Исто така таа е четирикратна светска шампионка. Најголемиот успех го постигна во дисциплината 400 метри слободен стил, дисциплина во која е двократна олимписка и светска шампионка, а освои и медали на 200 и 800 метри слободен стил и во штафетните трки 4 x 200 слободен стил.
По Олимписките игри во Париз минатата година, Титмус изјави дека ќе земе една година пауза од натпреварите за да ги „наполни батериите“, па работеше како телевизиски коментатор за време на Светското првенство во Сингапур оваа година.
Сепак, само неколку месеци подоцна, Титмус одлучи да се пензионира.
„Ова е тешка одлука, но сум задоволна. Го сакам пливањето, тоа ми е страст уште од детството, но откако неодамна направив пауза од тренинзите, сфатив дека некои други работи во мојот живот станаа многу важни“, рече Титмус.
Титмус го имаше своето меѓународно деби на Светското првенство во 2019 година во Гвангжу кога ја освои титулата на 400 метри слободно со победа против најтрофејната пливачка на сите времиња, Американката Кејти Ледеки.
Нивното соперништво траеше до Игрите во Париз, каде што Титмус ја одбрани титулата олимписки победник во истата дисциплина во финалето, кое беше наречено „трка на векот“ бидејќи нејзини сопернички беа канадската сензација Самер Мекинтош, која освои сребро, и Ледеки, која мораше да се задоволи со бронза.
Покрај бројните освоени медали, Титмус е и актуелна светски рекордерка на 200 метри слободно со време од 1:52,23.