Шпанскиот новинар и фудбалски инсајдер Жоан Фонтес „крена прашина“ во фудбалската јавност кога во својот подкаст изјави дека Нејмар (32) му признал дека сака по секоја цена да се врати во Барселона. Оваа изјава ги подгреа шпекулациите дека легендарниот Бразилец би можел да се врати во клубот кој го прослави.
Нејмар, кој моментално настапува за Ал-Хилал од Саудиска Арабија, пред 11 години дојде на „Камп Ноу“ од бразилскиот Сантос и брзо стана миленик на навивачите. Со Лионел Меси и Луис Суарез, тој формираше смртоносно напаѓачко трио познато како МСН.
Нејмар со Барселона освои две шампионски титули во Шпанија и Лигата на шампионите во 2015 година, но две години подоцна го шокираше светот кога се пресели во ПСЖ во најскапиот трансфер во историјата, за 222 милиони евра. Иако играше добро на „Паркот на принцовите“, не ги исполни во целост очекувањата на навивачите.
Поради бројните повреди, тој играше се помалку и се повеќе беше мета на критики од навивачите и новинарите во Франција. Затоа минатата година го напушти Париз и реши да потпише договор со Ал-Хилал вреден 150 милиони евра годишно. Сепак, Фонтес откри дека Бразилецот сака повторно да игра на високо ниво и дека сонува да се врати во Каталонија.
Бидејќи Барселона е во финансиски колапс, не можат да му понудат многу, но се повеќе се шпекулира за можноста Нејмар да се согласи да игра за симболична плата, само за да се врати во Барселона.