Возачите на Формула 1 го пофалија новиот светски шампион Ландо Норис од Мекларен.
Посебно внимание привлече изјавата на Карлос Саинц од Вилијамс, кој рече дека Британецот докажал дека титулата може да се освои кога си „добар човек“, наместо „суров и опасен“.
Норис го освои својот прв шампионат во Формула 1 во неделата, завршувајќи трет во последната трка од сезоната на Големата награда на Абу Даби.
Британскиот возач ја заврши сезоната со два бода предност пред четирикратниот шампион по ред Макс Fерстапен од Ред Бул, кој победи во Абу Даби.
Саинц беше прв тимски колега на Норис кога Британецот дојде во Мекларен како 19-годишник, тие возеа заедно за тимот во 2019 и 2020 година и развија пријателски однос и надвор од патеката.
„Му посакувам среќа. Како возач бидејќи отсекогаш бил екстремно брз, побрз отколку што луѓето му давале признание, екстремно талентиран. Во првите години во Мекларен, видов човек кој има брзина да биде повеќекратен светски шампион, ако станува збор само за брзина. Тој многу ги разви своите вештини и сега е светски шампион“, изјави Саинц за Скај.
„Повеќе од сè, сум среќен за него како личност, бидејќи е возач кој не следи одредени стереотипи за светски шампион, секогаш останал верен на себе, многу искрен, отворен за своите проблеми и им докажал на сите дека може да бидеш светски шампион ако си добар човек, не мора да бидеш суров или опасен“, додаде шпанскиот возач.
Саинц се надева дека 26-годишниот Норис нема да се промени.
„Среќен сум за него, се надевам дека ќе остане ист, дека нема да го „крене носот“ сега кога е светски шампион и дека ќе продолжи да биде свој, или дури дека ќе може повеќе да се опушти и повеќе да ужива во Формула 1“, рече Саинц.
Норис стана 11-тиот британски возач кој ја освои Формула 1 и првиот во Мекларен откако Луис Хамилтон ја освои својата прва титула во 2008 година.
Хамилтон е седумкратен светски шампион, рекордер по број на победи со 105 и рекордер по број на пол позиции со 104.
„Навистина, навистина сум среќен за него. Освојувањето на првата титула е навистина посебно. Британија продолжува да произведува одлични возачи. Исто така, знам како е кога влегувате во оваа трка и се борите за првата титула, тоа е исклучително возбудливо“, рече возачот на Ферари, Хамилтон.
Норис се бореше за титулата со Ферстапен, а Холанѓанецот му честиташе за успехот.
„Тој имаше многу добра сезона. Всушност, тоа беше тешка битка меѓу него и Оскар Пјастри и во еден момент се вклучив во борбата. Освојувањето на првата титула е секогаш супер емотивно. Многу е посебно бидејќи секој на патеката секогаш сонува за тој момент. Се надевам дека ќе ужива со своето семејство и секако со тимот“, рече Ферстапен.
Foto/ freerangestock






