Тренерот на Партизан, Жељко Обрадовиќ, тешко го прифати поразот на неговиот тим во вечното дерби. Во 13.коло во АБА лигата, Црвена звезда го победи Партизан со 89:84.
Драматичното дерби во Белград, го решија двете аматерски грешки на кошаркарите на Партизан во последната минута, кога два пати не успеаја да ја уфрлат топката во игра. Во првиот случај Браун не ја уфрли топката во предвидените пет секунди, а во вториот Вашингтон топката му ја даде на противникот.
„Добив техничка грешка без предупредување, иако само на англиски кажав дека фаулот е офанзивен. Од друга страна, имаше предупредувања пред техничките. Фаулот беше во напад, го видов сега по натпреварот. Имаше и комични ситуации. Едниот судија во првото полувреме едно вика, другиот друго, а другиот ми се извинува што згрешил“, нагласи Обрадовиќ и додаде:
„Зошто е тоа? Затоа што ова е несериозно натпреварување. Зошто има ограда зад нашата клупа, а ја нема на натпреварите во Евролигата? Има два аршини. Кога ќе ме навредуваат во салата, натпреварот не се прекинува, кога тоа ќе се случи за другата страна, играта веднш ја прекинуваат. Среќа што победникот на АБА лигата нема загарантирано место во Евролигата“.
По 13 кола во АБА лигата, Црвена звезда, Партизан и Будуќност имаат по 11 победи и два порази.