Фудбалската легенда, Дарко Панчев, проговори за Црвена звезда, Интер и Манчестер Јунајтед на Алекс Фергусон.
„Моите соништа се остварија во дресот на Вардар. Дојдов во Звезда кога имав 23 години и имав добра репутација. Тогаш играв за репрезентацијата, а очекувањата беа големи кога пристигнав во Белград. Разликата беше што Звезда беше подобро организиран клуб од Вардар, со повеќе навивачи. Навистина, имам само позитивни спомени од Белград“, го започна интервјуто Панчев за „Flashscore“ и додаде:
„Најважниот момент дефинитивно е освојувањето на Купот на европските шампиони. Имаше притисок кога го изведов пеналот, но само додека трчав кон топката. Штом ја зедов и ја поставив на пенал – не почувствував ништо. Искрено, не сум играч кој однапред избира страна, туку го гледам голманот и чекам да се помрдне.“
Тој сè уште верува дека направил голема грешка што отишол во Интер.
„Многу клубови ме сакаа тогаш, Барселона, Милан, Манчестер Јунајтед и Интер. Сепак, тогаш немавме информации како денес. Да го знаев она што го знам сега, немаше да одам во Интер, туку во поофанзивен тим. Дојдов во тим кој игра екстремно дефанзивно, а тоа е смрт за напаѓач.“
Големиот Алекс Фергусон сакаше да го доведе. Шкотланѓанецот ја сакаше генерацијата на Звезда од Бари.
„Фергусон го обожаваше нашиот тим од Белград. Бевме како Барселона со Меси, Иниеста и Чави. И искрено, штета е што не отидов во Англија. Мислам дека тој стил на фудбал би ми одговарал повеќе“, рече Панчев.
Фото/ Топспорт, архива






