Парагвајска сенаторка го навредуваше Мбапе, тој ѝ возврати: Недостојна сте за функцијата

Парагвајска сенаторка го навредуваше Мбапе, тој ѝ возврати: Недостојна сте за функцијата

пред 3 часа

Капитенот на француската фудбалска репрезентација, Килијан Мбапе (27), во понеделникот остро одговори на социјалните мрежи на расистичките навреди што му ги упати парагвајската сенаторка Селесте Амарилја. Нејзините изјави предизвикаа бурни реакции во француската политика, а следуваа по натпреварот од осминафиналето на Светското првенство, во кој Франција го победи Парагвај со голот на Мбапе од пенал (1:0).

„Вие сте жена достојна за презир и недостојна за функцијата што ја извршувате“, напиша најдобриот стрелец во историјата на француската репрезентација.

„Вие не го претставувате Парагвај, земја која на ова натпреварување покажа страст и чест. Поради вашата непромисленост и отворен расизам, целиот свет веќе заборави на патот и историскиот напор што вашите играчи го вложија за време на ова Светско првенство. Сето тоа го засени неспособна госпоѓа која за својата земја создава најлоша можна слика. Никогаш нема да дозволам луѓе како неа слободно да шират омраза и расизам низ светот“, заклучи Мбапе.

Селесте Амарилја веќе два дена објавува контроверзни пораки насочени кон францускиот напаѓач. Повод беше осминафиналниот натпревар во кој тимот на Дидие Дешам го победи Парагвај со 1:0, благодарение на пеналот што го реализираше токму Мбапе.

„Овој идиот не научил ни да пишува. Наместо мајчино млеко, цицал кокосови ореви, а најобразованите суштества што некогаш ги слушнал биле шимпанза“, напиша таа во една објава.

Во друга објава, Амарилја го нападна потеклото на Мбапе.

„Камерунец произлезен од колонизацијата, кој очајнички се обидува да се претстави како Французин, одмаздољубив е, новопечен богаташ, арогантен и грд. Беше нервозен и исплашен во текот на целиот натпревар, како и целиот негов тим. Не успеаја ниту да постигнат гол, победија со среќа“, објави парагвајската сенаторка на својот профил на Икс.

Во Франција, министерката за спорт Марина Ферари брзо застана во одбрана на Килијан Мбапе, осудувајќи ги „најостро што е можно расистичките напади“ врз 27-годишниот напаѓач.

„Овие изјави се гнасни, недостојни и уште понеприфатливи затоа што доаѓаат од политичка функционерка“, порача министерката во понеделникот попладне.

„Пред расизмот нема да молчиме. Напаѓајќи го Килијан Мбапе, сенаторката напаѓа сè што претставува нашиот капитен и сè што брани нашата земја: слобода, еднаквост и братство“, изјави Ферари.

Share
Scroll to Top