Африканската фудбалска конфедерација (CAF) издаде соопштение по финалниот натпревар од Африканскиот куп на нации, кој имаше скандалозен крај.
Фудбалерите на Сенегал го кренаа вториот трофеј во последните три учества на континенталното првенство со минимален триумф (1:0), над домаќинот Мароко, а малку фалеше Сенегалците да не го доиграат натпреварот.
Виновник за циркузот на стадионот во рабат, беше конгоанскиот судија, Жан-Жак Нгамбо Ндала, кој досуди пенал за Мароко веднаш по поништувањето на голот на Сенегал. Двете одлуки беа спорни, што беше премногу за гостите и селекторот Папе Тијав ги повлече своите фудбалери од теренот.
На инсистирање на капитенот Садио Мане, играчите се вратија, Брахим Дијаз го промаши пеналот, а Сенегал на крајот победи со гол во првото продолжение.
Сепак, настаните на теренот, на трибините и во конференциската сала нема да останат неказнети. CAF објави дека ќе се спроведе истрага, по што сите одговорни ќе бидат казнети.
Бидејќи претставниците на Мароко ја добија наградата за фер-плеј, претпоставката е дека „подебелиот крај“ ќе го извлече Сенегал.
„Африканската фудбалска конфедерација го осудува неприфатливото однесување на неколку играчи и службени лица за време на финалето на Африканскиот куп на нации помеѓу Мароко и Сенегал.
Конфедерацијата остро осудува секаков вид неприфатливо однесување за време на натпреварите, особено она насочено кон судиите или организаторите.
Ги прегледуваме сите снимки и сите докази ќе бидат доставени до надлежните органи со цел да се преземат мерки против одговорните“, соопшти CAF.
Foto/ EPA






