Реал Мадрид по синоќешниот пораз од Хетафе (0:1), се соочува со уште еден проблем. На „Сантијаго Бернабеу“ не се сигурни дека Килијан Мбапе ќе игра против Манчестер Сити следната недела во осминафиналето на Лигата на шампионите.
Францускиот репрезентативец ги повреди лигаментите на коленото на левата нога кон крајот на 2025 година, но играше натпревари за Реал. Сепак, повремено повредените лигаменти предизвикуваа такви проблеми што мораше да пропушти некои натпревари.
Тој не играше во реваншот од нокаут фазата на Лигата на шампионите против Бенфика, по што отпатува во Париз на дополнителни прегледи.
„Во договор со клубот, беа направени тестови на коленото со цел да се пронајде најдобриот начин за закрепнување и подготовка за враќање на теренот. Засега не е планирана операција“, се вели во соопштението на тимот на Мбапе.
Привремениот тренер, Алваро Арбелоа, кој го замени Чаби Алонсо во јануари рече дека на Мбапе му е потребно време за да се врати во целосна физичка подготвеност.
„Тоа беше консензус на сите страни и сметаме дека е најдобро тој да застане, да се опорави и да се врати, а потоа да биде на 100 проценти. Нема да биде прашање на денови, ќе биде малку подолго, но не можам да кажам колку долго ќе трае. Се надевам дека нема да биде предолго“, рече Арбелоа.
Мбапе постигна 38 гола на 33 натпревари оваа сезона во сите натпреварувања.
Foto/ depositphotos






