Веста на денот во Турција е дека првиот човек на фудбалскиот и кошаркарскиот клуб Фенербахче, познатиот бизнисмен Садетин Саран, е во притвор поради наводна консумација на дрога.
Минатата недела турските власти започнаа голема истрага што е дел од широка операција поврзана со употребата на наркотици меѓу познати личности во оваа земја: уметници, таканаречени „инфлуенсери“, луѓе од деловниот свет…
Голем број луѓе беа приведени, меѓу кои и 61-годишниот Саран, кој го презеде управувањето со истанбулскиот гигант пред само неколку месеци.
Медиумите не наведуваат за каков вид дрога станува збор, но се претпоставува дека Саран користел кокаин.
Овој бизнисмен, кој има турско и американско државјанство, е сопственик на „Саран Холдинг“, компанија основана во 1990 година и поседува брендови од областа на медиумите, издаваштвото, туризмот, како и од секторот за обложување.
„Саран Медиа“ има право на 65% од спортските преноси во Турција, меѓу другите од Премиер лигата, Ла Лига, Серија А.
Саран негираше каква било употреба на дрога.
„Никогаш во животот не сум ја земал супстанцата за која наводно сум позитивен на тестот. Не само што никогаш не сум ја користел, туку никогаш не сум ја видел во животот.“
Овие обвинувања се дел од кампањата што се води против мене, со цел уништување на институциите што ги претставувам“, рече тој во изјава објавена на социјалните мрежи.






