Напаѓачот на Ливерпул, Луис Дијаз ги минува најтешките денови од својот живот. Пред четири дена вооружени мажи ги киднапираа родителите на колумбискиот репрезентативец, мајката во меѓувреме е ослободена, но неговиот татко се уште се води за исчезнат.
Родителите на Дијаз биле киднапирани во колумбискиот град Баранкас, а тој за тоа бил информиран во саботата, во хотелот каде тимот на Ливерпул го чекал неделниот натпревар со Нотингем Форест. Со оглед на новонастанатата ситуација, тој не конкурираше за место во тимот.
Во Колумбија започна масовна потрага по Луис Мануел Дијаз. Повеќе од 130 полицајци и војници, вклучително и командоси обучени за операции во џунглата, го бараат во пограничната област меѓу Колумбија и Венецуела.
Три хеликоптери и воен авион ги надлетуваат планините Серанија дел Периа, а порталот „Семана“, објави дека полицијата не ја исклучила можноста таткото на фудбалерот на Ливерпул веќе да е во Венецуела.
Полициски претставници рекоа дека потрагата по таткото на Дијаз достигна точка на „стагнација“ со властите кои ги чекаат барањата на киднаперите.
Луис Мануел Дијаз и неговата сопруга Чиленис Маруланда биле киднапирани од четворица вооружени мажи додека купувале лубеници.
Тие, наводно, по пат го оставиле украдениот автомобил на семејството Дијаз и бегството го продолжиле со три мотоцикли, од кои два украле од цивили. На крајот г-ѓа Дијаз била пуштена, а со нејзиниот сопруг киднаперите заминале во непознат правец.
Фудбалската федерација на Колумбија побара од киднаперите веднаш и безусловно да го ослободат таткото на Дијаз.