ПСЖ го потврдија Ашраф Хакими

ПСЖ го потврдија Ашраф Хакими

пред 3 години

Ашраф Хакими официјално стана фудбалер на Пари Сен-Жермен, комплетирајќи го трансферот од 71 милион евра од Интер и потпишувајќи договор до јуни 2026 година.

„Пари Сен-Жермен со задоволство го објавуваат трансферот на Ашраф Хакими. 22-годиниот марокански десен бек, кој има и шпанско државјанство, потпиша петгодишен договор со клубот“, се вели во објавата на ПСЖ.

Хакими, кој е роден во Мадрид, се приклучи на академијата на Реал Мадрид кога имаше само 7 години во 2006 година, а од 2015 година играше во У-19 тимот на „кралевите“. Тој дебитираше за првиот тим во 2017/18, и беше дел од тимот кој ја освои Лигата на шампионите, пред минатата година да направи трансфер во Интер за 40 милиони евра, помагајќи „нераѕурите“ да стигнат до титулата во Италија со 45 настапи и 11 асистенции.

„Денеска се чувствувам многу горд. По Шпанија, Германија и Италија, ПСЖ ми дава шанса да играм во нов шампионат во еден од најпрестижните клубови на светот. Едвај чекам да ги видам фановите и да ја почувствувам атмосферата на ‘Паркот на принцовите’“, вели Хакими.

Наскоро се очекува ПСЖ да го потврдат и пристигнувањето на слободните агенти Серхио Рамос и Џанлуиџи Донарума.

Share
Scroll to Top