Јубилејното 70-то финале за клупски шампион на Европа ќе се игра утре во Минхен во 21 часот. Фудбалерите на Интер и Пари Сен Жермен ќе се борат за големиот сребрен пехар.
Интер стана првиот што обезбеди виза за Минхен откако успеа да го елиминира првиот фаворит, Барселона во историскиот реванш од полуфиналето.
По 90 минути, двата натпревари завршија со идентичен спектакуларен резултат 3:3, „нероаѕурите“ постигнаа уште еден гол во продолжението и славеа со вкупен резултат од 7:6, што е рекорден број на голови (13) во нокаут фазата на Лигата на шампионите заедно со полуфиналето Ливерпул – Рома (7:6) во 2018 година и дуелот Баерн – Спортинг (12:1) во осминафиналето во 2009 година.
Пари Сен Жермен го обезбеди своето место во финалето откако ги доби двата натпревари против Арсенал. По 1:0 на „Емирати“ во Лондон, победи и на домашен терен во Париз со 2:1.
Интер и Пари Сен Жермен ќе играат во јубилејното 70-то финале за клупски шампион на континентот. Најелитното европско клупско натпреварување порано се викаше Куп на шампиони (првпат се играше во 1955 година), а од сезоната 1992/93 се нарекува Лига на шампиони.
Натпреварот ќе се игра во Минхен, а фудбалерите на ПСЖ официјално ќе ја имаат улогата на домаќин. „Светците“ ќе настапат во својата традиционално темно сина опрема, додека Интер одбра финалето да го игра во жолти дресови.
Оваа сезона и финалето на Лигата на шампионите ќе влезат во историјата на натпреварувањето како прва сезона играна во нов формат, познат како швајцарски систем. Наместо претходната групна фаза, прво се играше лигашкиот дел од осум кола со генералниот пласман, а потоа нокаут фазата продолжи до финалето.
Пари Сен Жермен стигна до своето второ финале на Лигата на шампионите, а прво од 2020 година, кога загуби од Баерн. Ова е петто европско финале за ПСЖ, бидејќи претходно играа во две последователни финалиња на Купот на победниците на куповите – победија во 1996 година против Рапид Виена (1:0) и загубија во 1997 година против Барселона (0:1). Тие исто така играа во финалето на Европскиот Суперкуп во 1996 година и загубија од Јувентус со вкупен резултат од 2:9.
Ова ќе биде дванаесетто европско финале за Интер Милано и седмо во Купот на шампионите/Лигата на шампионите. Три пати црно-сините беа шампиони на Европа – во 1964 година го победија Реал Мадрид (3:1), во 1965 година ја победија Бенфика (1:0) и во 2010 година го победија Баерн Минхен (2:0).
Изгубија ист број финалиња – во 1967 година против Селтик од Глазгов (1:2), во 1972 година против Ајакс од Амстердам (0:2) и последен пат во 2023 година против Манчестер сити (0:1).
Интер е последниот италијански клуб што ја освои Лигата на шампионите, во 2010 година против Баерн. Оттогаш до денес, само Јувентус успеа да стигне до финалето, но загуби во 2015 година против Барселона (1:3) и во 2017 година против Реал Мадрид (1:4).
ЛУИС ЕНРИКЕ против СИМОНЕ ИНЗАГИ
Луис Енрике и Симоне Инзаги се меѓу најпочитуваните тренери во Европа и светот. Шпанецот има 54 години, пет години е постар и, засега, поуспешен.
Како тренер, Луис Енрике ги водеше Рома, Селта, Барселона, шпанската репрезентација и Пари Сен Жермен. Освои 15 трофеи, а веќе беше шампион на Европа на клупата на Барселона во финалето на Лигата на шампионите против Јувентус во 2015 година. Под негово водство, Каталонците ја победија Старата Дама од Торино во Берлин со резултат од 3:1.
Покрај тоа, постои можност Енрике да ја освоји тројната круна – Лига 1, Купот на Франција и Лигата на шампионите.
Веќе има искуство со освојување на „тројната круна“, со Барселона во 2015 година.
Ако го повтори тоа ќе му се придружи на Пеп Гвардиола како единствен тренер што го направил тоа двапати.
Енрике би можел да влезе во друштвото на тренерските великани како седмиот човек што го освоил европскиот трофеј со повеќе клубови, ќе им се придружи на Карло Анчелоти, Ернст Хапел, Јуп Хајнкес, Отмар Хицфелд, Жозе Мурињо и Гвардиола.
Симоне Инзаги освои дванаесет трофеи како тренер на Лацио и Интер. Тој немаше среќа да го подигне трофејот од Лигата на шампионите, бидејќи беше поразен од Манчестер сити во Истанбул во 2023 година.