Хрватскиот фудбалски интернационалец, Иван Ракитиќ во интервју за сајтот на ФИФА зборуваше за клупската, но и за репрезентативната кариера која пред некое време реши да ја заврши.
Смета дека најголемиот чекор што го направил е трансферот од Севилја во Барселона, во 2014 година.
„Не беше лошо, но сериозно, беше неописливо да играш во најголемата фудбалска екипа во светот. Ќе бидам дел од тоа големо семејство до крајот на животот. Бев возбуден, но кога стигнав во соблекувалната и ги видов сите тие играчи, останав зачуден. Уживање беше да играш со такви играчи, а многу ми значи што со нив сум пријател за цел живот“ вели Ракитиќ.
Хрватот даде свое мислење и за Лео Меси.
„100% посветен на фудбалот. Не е важно кој си, мораш да уживаш како тој човек игра. Тој е друго ниво, со почит кон другите заслужни, но само еден е најголем, а тоа е Лео. Сон е што одиграв 311 меча со него, толку многу уживав. Сакам да му порачам: `Благодарам за се, Лео, затоа што никогаш нема да знаеш колку ми значеше што играв со тебе`“ – рече Ракитиќ.
Тој се осврна и за настапите во дресот на Хрватска.
„Кога тргнав со 19 години, никогаш не мислев дека ќе играм на најголемиот фудбалски меч, дека ќе имам над 100 настапи, дека ќе уживам на европските и светските првенства. Чувството кога го носиш хрватскиот дрес е неверојатно. Многу сум горд поради тоа“ порача фудбалерот кој од оваа сезона повторно го носи дресот на шпанска Севилја.