Рој Кин: Јунајтед е очајно лош, а навивачите им аплаудираат на фудбалерите

Рој Кин: Јунајтед е очајно лош, а навивачите им аплаудираат на фудбалерите

пред 49 минути

Манчестер Јунајтед доживеа тежок пораз на гостувањето кај Ливерпул (4:0) во 11-то коло од Премиер лигата, а по натпреварот, легендарниот капитен на Јунајтед, Рој Кин, беше особено суров во коментарите.

За време на анализата на „Скај Спортс“, Ирецот остро ги критикуваше играчите на својот поранешен клуб, како и поранешниот соиграч Гари Невил, кој рече дека Јунајтед можел да помине и полошо со оглед на тоа што играа со десет играчи од осмата минута. За Кин, таквото оправдување за поразот е неприфатливо.

Новиот тренер, Маурисио Покетино имаше кошмарно деби на клупата на Јунајтед, кој по 11 кола остана на претпоследното место во Премиер лигата.

Иако некои коментатори за време на анализата истакнаа дека раното исклучување (Лени Јоро доби црвен картон) значително им ја отежна работата на гостите, Кин не сакаше да прифати такво објаснување.

„Ако ги слушнам коментаторите уште еднаш како велат дека 4:0 не е толку лош резултат затоа што тимот играл со десетмина… Дали ниеден тим некогаш не постигнал добар резултат со еден играч помалку? Можно е да се направи тоа“, рече Кин во емисијата на „Скај Спортс“.

Тој беше особено лут од ставот на Гари Невил, со кого ја делеше соблекувалната на Манчестер Јунајтед со години.

„Мислам дека Јунајтед беше очаен, навистина, навистина лош. А Невил, кој играл за Јунајтед стотици пати, вели дека е задоволен со пораз од 4:0? Дали ми кажувате дека не можеа да играат подобро? Секако исклучувањето не помогна, но барем можеа да покажат поголема борба и квалитет“, продолжи Кин.

Поранешниот капитен на Јунајтед не можеше да поверува дека навивачите на гостите им аплаудираа на играчите по натпреварот, и покрај убедливиот пораз од нивниот најголем ривал.

„Не можам да верувам што слушам од луѓе кои играле за овој клуб. Велат дека 4:0 не е толку лошо. Неверојатно. А навивачите им аплаудираат на играчите. За што аплаудираат? Глупости“, рече Кин.

Потоа се осврна на одговорноста на фудбалерите за состојбата на клубот, нагласувајќи дека во последните години, премногу внимание им се посветувало на тренерите, сопствениците и менаџментот, додека играчите не биле доволно критикувани.

„Овој тим заврши на 15-то место пред две сезони. Во последните година-две, ја обвинуваме администрацијата, сопствениците и тренерите. Кога играчите ќе ја преземат одговорноста за своите одлуки?“, праша тој.

Кин вели дека Јунајтед може да биде задоволен само со фактот дека Ливерпул не искористи уште неколку големи шанси, за поразот да биде уште потежок.

„Ливерпул требаше да постигне осум гола. Можеби осум или девет, имаа неверојатни шанси. А потоа сите излегуваат од теренот и велат дека четири примени гола е прифатливо. Ми се пцуе“, рече Кин.

Водителот Дејвид Џонс го замоли да внимава на речникот, но поранешниот играч од средниот ред не се смири. „Ќе се обидам, но како може некој да каже дека четири примени гола не се толку лоши? Само затоа што останаа со десетмина? Секако дека беше потешко поради тоа, но дали тоа значи дека кога ќе останете со еден играч помалку, престанувате да работите и едноставно се откажувате?“, заклучи Кин.

Јунајтед продолжи со лоши резултати дури и по промената на тренерот. Покетино го имаше своето деби на клупата со пораз што дополнително ја продлабочи кризата, а неговиот тим има само осум бода по 11 лигашки натпревари и се наоѓа на претпоследното место на табелата.

Foto/ Depositphotos

Share
Scroll to Top