Турската фудбалска федерација (ТФФ) покрена дисциплинска постапка, откако резултатите од петгодишна истрага покажаа дека 371 од 571 судии во таа земја имаат налози за обложување, а 152 од нив активно се обложуваат.
Овие статистики ги вклучуваат и оние кои се обложувале само еднаш, иако е откриено дека 42 од нив имале уплати на повеќе од илјада натпревари, а „рекордерот“ меѓу нив се обложувал на дури 18.227 типови.
Претседателот на ТФФ, Ибрахим Хаџиосманоглу, не ги именуваше, но објави дека ќе биде покрената постапка против седум главни и 15 помошни судии од првите два ранга, како и 36 класифицирани судии и 94 помошници од пониските натпреварувачки нивоа.
Според правилата на ТФФ, тие се соочуваат со суспензија од една година, но член 27 од Етичкиот кодекс на ФИФА наметнува многу построга казна, 100.000 швајцарски франци и тригодишна забрана од какви било фудбалски активности.
По повод овој скандал, афирмативни пораки испратија бројни турски клубови, меѓу кои и Фенербахче, Бешикташ и Трабзон.






