Славниот судија од Холандија, Бјорн Кујперс, предаваше на семинар во Скопје

Славниот судија од Холандија, Бјорн Кујперс, предаваше на семинар во Скопје

пред 1 година

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во соработка со УЕФА, а на покана на претседателот на судиската комисија во рамки на ФФМ, Димитар Мечкаровски, организираше еднодневна судиска работилница и тренинг камп.

Вкупно 52 наши судии беа дел од семинарот и имаа исклучителна можност да го следат предавањето на  влијателниот член на судиската организација на УЕФА  и поранешен судија, Бјорн Кујперс, како и тренинг експертот за елитни фудбалски судии во УЕФА, професорот Вернер Хелсен.

 

 

Важниот настан за судиите во Македонија со поздравен говор го отвори генералната серетарка на Фудбалската федерација на Македонија, Наталиа Илиевска Божиновска.

– Среќни сме за укажаната можност заедно со судиската организација на ФФМ да ја организираме оваа работилница. Убедена сум дека претставува одлична прилика вашите знаења да ги проширите преку предвидениот теоретски и практичен дел. Уште повеќе што имате неповторлива можност да побарате стручно мислење од имиња кои оставиле траен белег во европскиот фудбал. Верувам дека тоа ќе биде од корист за сите нас.

– За нас е важен и фактот што УЕФА дава безусловна поддршка на Фудбалската федерација на Македонија, а тоа придонесува и за континуиран напредок на нашите судии. Имаме федерација која секојдневно се грижи за развој на македонскиот фудбал и се стреми кон нови успеси. Меѓутоа, исто така знаеме дека тоа нема да го постигнеме без посветен пристап на секој поединец вклучен во работата на Куќата на фудбалот, вклучително и фудбалските судии како нераскинлив дел од фудбалската игра. Успехот на нашите судии во домашни и меѓународни рамки претставува гордост на Федерацијата. Од мое и од име на претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини благодарност за вашиот придонес и за професионалниот пристап.

На судиски семинар што се одржи во х. „Хилтон“, нашите судии детално ги елаборираа правилата на фудбалската игра, начинот на судење и подобрување на носењето одлуки во спорни моменти од натпреварите.

На овој семинар, свое теоретско предавање во врска со физичките норми кои треба да ги исполнуваат судииите одржа и главниот кондициски тренер и тренинг експерт на УЕФА, Вернер Хелсен.

Исто така беше одржан и тренинг камп на кој беа претставени најновите методи и технологии за тренинг. На тренинг кампот беше ставен и акцент на правилното носење на судиски одлуки, гледајќи ситуации преку ВАР системот.

Share
Scroll to Top