Клубовите од Саудиска Арабија трпеливо го чекаат исходот од спорот меѓу Мохамед Салах и менаџерот Арне Слот пред да дадат официјална понуда за незадоволната ѕвезда на Ливерпул.
Тензиите ескалираа откако Египќанецот јавно ја изрази својата фрустрација што е изоставен од почетниот состав минатиот викенд, а неговата иднина на „Енфилд“ сега е неизвесна, некои медиуми тврдат дека тој повече нема да игра за Ливерпул.
Се очекува Слот и 33-годишниот Салах да одржат дополнителни разговори во следните 48 часа за да се обидат да ги решат своите разлики. И покрај шпекулациите во медиумите, Ливерпул официјално инсистира дека Салах не е на продажба.
Клубот потсетува дека само пред неколку месеци, Египќанецот потпиша нов договор вреден повеќе од 400.000 фунти (околу 460.000 евра) неделно, и очекуваат тој да го почитува до крај, верувајќи дека проблемот со тренерот може да се реши со интерен договор.
Извори од Про лигата се сомневаат во искреноста на намерите на Ливерпул. Тие веруваат дека тоа е само стратегија за заштита на високата трансфер вредност на Салах и внимателно го следат развојот на ситуацијата.
Доколку Ливерпул одлучи да ја продаде својата ѕвезда, три клуба ќе се тркаат за неговиот потпис, пишува „Дејли Меил“. Тоа се Ал Хилал, Ал Кадиса и Неом.
За потсетување, во 2023 година, Ливерпул веќе ја одби понудата на Ал Итихад вредна повеќе од 170 милиони евра. Американските клубови од МЛС, Сан Диего и Чикаго Фајер, исто така, покажаа интерес, но тиен немаат финансиска моќ за да ја доведат египетската ѕвезда, освен ако таа не одлучи да ги намали своите приходи.
Салах е дел од тимот на Ливерпул од 2017 година и одигра 420 натпревари, со учинок од 250 гола и 116 асистенции. Со Ливерпул освои осум титули, вклучувајќи две за најдобриот тим во Премиер лигата и една за победникот во Лигата на шампионите.
Foto/ depositphotos






