Холанѓанецот Макс Ферстапен, четирикратен последователен светски шампион, убедливо триумфираше во трката за Големата награда на Италија по 53 круга на патеката во Монца.
Возачот на Ред Бул водеше од почетокот до крајот, откако ја започна трката од пол-позицијата, и ја забележа 66-тата победа во својата кариера и третата во оваа сезона.
Подиумот го пополнија возачите на Мекларен, Британецот Ландо Норис ја помина целта втор, а Австралиецот Оскар Пјастри трет.
Кулминацијата на нивниот дуел се случи помеѓу 47-от и 49-от круг – Пјастри го престигна Норис кој изгуби многу време во префрлањето на меки гуми, дури 5,9 секунди, што не беше план на тимот од Вокинг.
Пјастри, лидерот во генералниот пласман, направи предност од речиси две секунди, по што дојде наредба од тимот да го пропушти Норис.
Во целта и Шарл Леклер односни=о Џорџ расел ги задржаа позициите што ги имаа на стартот, четврти и петти. Зад нив следуваа Луис Хамилтон, Алекс Албон, Габриел Бортолето, Кими Антонели и Исак Хаџар.
Најбрзиот циркус во светот се сели во Азербејџан за две недели, а пред возачите во светското првенство е градска трка низ улиците на Баку.