ФФМ ја исфрли Шкендија од Купот за следната сезона и парично го казни клубот

ФФМ ја исфрли Шкендија од Купот за следната сезона и парично го казни клубот

пред 5 часа

Дисциплинската комисија при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), изрече драконска казна за Фудбалскиот клуб Шкендија, поради случувањата во финалето на Купот, кое тимот од Тетово го загуби од Силекс со 0:1.

ФФМ парично ја казни Шкендија со 105.000 евра и ја исфрли од натпреварите во купот за следната сезона.

Дисциплинската комисија при ФФМ донесе одлука со која ФК Шкендија се казнува со парична казна во висина од 15.000 евра поради користење на пиротехнички средства на финалниот натпревар од Купот на Македонија помеѓу ФК Силекс и ФК Шкендија.

Дополнително, ФК Шкендија се казнува со 10.000 евра поради националистички скандирања и слогани со навредлива содржина на национална основа, како и со 20.000 евра поради истакнување транспарент со нацистичка содржина, за што веќе беа казнети од УЕФА.

Клубот ФК Шкендија е казнет со 30.000 евра и исклучување од натпреварувањето во Купот на Македонија за сезоната 2026/27 поради одбивање да ги прими медалите на свечената церемонија, како и поради деградирачки и непочитувачки однос кон официјалните лица и противничката екипа.

Покрај тоа, на ФК Шкендија му е изречена казна од 30.000 евра и забрана за присуство на публика на следните четири домашни натпревари поради непочитување на националната химна, односно исвиркување и дискриминаторски однос за време на финалниот натпревар од Купот на Македонија“, објави ФФМ на својата интернет страница.

Покрај Шкендија, казни добија Силекс и Вардар.

„Дисциплинската комисија при ФФМ донесе одлука со која ФК Силекс се казнува со парична казна во висина од 5.000 евра поради користење на пиротехнички средства на финалниот натпревар од Купот на Македонија помеѓу ФК Силекс и ФК Шкендија.

ФК Вардар се казнува со парична казна во висина од 15.000 евра поради навредливо скандирање од страна на навивачите и несоодветна прослава на титулата од страна на фудбалерите.

Воедно, Дисциплинската комисија поведе постапка против ФК Вардар поради користење на пиротехнички средства на натпреварот од 33. коло помеѓу Вардар и Шкендија“, стои во соопштението на Дисциплинската комисија при ФФМ.

Izvor i Foto/ ffm.mk

Share
Scroll to Top