Фудбалскиот клуб Интер од Мајами го назначи Аргентинецот Хавиер Маскерано за нов тренер. Максерано потпиша тригодишен договор и ќе почне со работа кога ќе се комплетира документацијата. Тој на клупата го замени сонародникот Херардо Тата Мартино, кој поради лични причини го напушти клубот.
Маскерано неодамна работеше со репрезентацијата на Аргентина до 20 години и со олимпискиот тим. Така тој повторно ќе соработува со големата светска ѕвезда Лионел Меси.
Маскерано и Меси беа соиграчи во Барселона и во аргентинската репрезентација. Покрај со Меси, Маскерао во Барселона настапуваше и со сегашните играчи на Интер, Жорди Алба, Серхио Бускетс и Луис Суарез, кои се очекува да бидат во клубот од Мајами и следната година.
„Да се биде во можност да водам клуб како Интер Мајами е чест и привилегија од која ќе се трудам да го искористам максимумот. Ме привлече непобитната амбиција и инфраструктурата на организацијата. Со нетрпение очекувам да работам со луѓето од Интер за да му помогнам на клубот да достигне нови височини“, изјави 40-годишниот тренер.
Откако Мартино го известил клубот дека заминува, Меси бил консултиран кого би сакал за тренер, па најверојатно Маскерано е доведен со негов благослов.
Мајами го имаше најдобриот учинок во регуларниот дел од сезоната во МЛС лигата со 22 победи, осум нерешени и четири порази и освои рекордни 84 бода, но не успеа да го мине првото коло од плејофот против Атланта.