Хрватска на крилата на Модриќ е осминафиналист – Англија минимално против Чесите

Хрватска на крилата на Модриќ е осминафиналист – Англија минимално против Чесите

пред 3 години

Фудбалската репрезентација на Хрватска по одличниот настап во второ полувреме на „Хемпден парк“ ја победи Шкотска со 3-1 и на тој начин обезбеди пласман во осминафиналето на ЕУРО 2020.

Иако првите 45 минути беа израмнети и по играта и со резултатот (1-1), сепак во вториот дел искусниот среден дел на „коцкастите“ беше пресуден за ново разочарување на Шкотланѓаните.

Резултатот во 17 минута го отвори Влашиќ по една несигурност на одбраната пред голот на Маршал.

Во финишот на првиот дел, Мекгрегор во 42 минута донесе израмнување 1-1 со надеж дека во второто полувреме ќе имаат шанса за победа.

Сепак, Хрватите во вториот дел играа трпеливо, поорганизирано и со два гола комплетно ја срушија надежта на домаќините.

Уште во 50 минута бекот Гвардиол имаше можност, но не ја исконтролира добро топката пред противничкиот голман.
И Перишиќ се најде во добра прилика неколку минути подоцна, но Маршал успеа да одбрани.

Сепак, во 62 минута немаше одбрана по ударот на Лука Модриќ. Топката дојде до него на 18-тина метри и биеше со надворешна прецизно за водство од 2-1. Еден од најубавите голови на ЕП.

Шкотските фудбалери се уште не беа освестени од шокот, а Перишиќ петнаесетина минути подоцна им го зададе завршниот удар. Биеше прецизно по корнерот на Модриќ во 77 минута за конечни 3-1.

По овој триумф Хрватска како втора ја завршува групата Д пред Чешка која како третопласирана оди во осминафинале. И двете селекдии имаат по 4 бода затоа што Чесите со голот на Стерлинг од 12 минута губеа и загубија против фаворитот Англија.

На овој меч без резултатско значење имаше само 3 удари во рамките на двата гола. Избраниците на Саутгејт не калкулираа за тоа со кого ќе играат во нокаут фазата, па одиграа за својата чест без многу трошење на енергија.
Комбинациите кој против кого во нокаут фазата ќе бидат познати утре, по завршните мечеви од третото коло во групите Е и Ф.

Share
Scroll to Top