Виљареал го шокираше Реал во Мадрид со победата од 3:2. Со оваа победа Саму Чукуезе и Виљареал веројатно ја решија шампионската трка. Реал остана на 12 бода од Барселона, која во понеделник ќе игра на домашен терен против Џирона.
Реал по брилијантната победа во Барселона, во полуфиналето на Купот, одигра анемичен натпревар против Виљареал. Карло Анчелоти се коцкаше, реши да одмори неколкумина од играчите кои играа во Барселона, на крајот тоа и беше клучно за поразот.
Реал со Асенсио, Себаљос и Чуамени во редот за врска не можеше да одговори на констатнтиот притисок што го вршеа фудбалерите во жолти дресови.
Дербито добро започна за Реал, Пау Торес си постигна авто-гол во 16.минута. Виљареал во наредните 20 минути создаде неколку сериозни шанси. Во тие моменти со пет одбрани се истакна Тибо Куртоа.
Сепак не можеше да го одбрани ударот на Чукуезе. Нигериецот најпрвин од игра го исфрли Начо, а потоа лесно погоди.
Реал предноста ја врати на почетокот од вториот дел. Винисисус Жуниор ја искористи нерешителноста на Чукуезе и се прошета до голот.
До крајот на мечот Моралес израмни на 2:2 во 70.минута, а 10 минути подцна играчот на натпреварот Чукуезе постигна прекрасен гол за победа на Виљареал.
Виљареал со овие три бода го мина Бетис на петтото место. „Жолтата подморница“ има 47 бода, два повеќе и натпревар повеќе од Бетис.