По неуспешната епизода во Панатинаикос, Американецот со македонски пасош,Ти Џеј Шортс наскоро треба да стане новиот кошаркар на Валенсија.
Според информациите од грчкиот портал „СДНА“, американскиот плејмејкер ги договорил сите услови со „портокаловите“ и ќе биде замена за Жан Монтеро, кој заминува во Олимпијакос.
Плејмејкерот го воодушеви Стариот континент во својата дебитантска сезона во елитното натпреварување, каде што го водеше тимот на Париз до плејофот со 18,7 поени, 2,7 скока и 7,5 асистенции по натпревар. Тоа му донесе профитабилен договор со „зелените“, но таму се најде во немилост на тренерот Ергин Атаман. Не добиваше соодветна минутажа и беше повеќе фактор од клупата, што не му одговара на играч од неговите карактеристики.
По меѓусебно негативно искуство, тој не сака да остане во Атина и покрај отказот што неодамна му беше врачен на турскиот стручњак.
Тој би можел да има идеален нов почеток во Валенсија, бидејќи системот на Педро Мартинез неодоливо потсетува на оној во кој Шортс играше кај Тијаго Сплитер во Париз.
На бековските позиции, клубот од Пиринеите моментално ги има Бранку Бадио, Омари Мур, Дариус Томпсон и Серхио де Лара, ако се земе предвид дека преселбата на Монтеро во Пиреја е извесна.





