Фудбалската ѕвезда на Барселона, Ламине Јамал, кој го прослави 18. роденден во неделата и предизвика скандал откако ангажираше џуџиња да ги забавуваат гостите, се соочува со кривична пријава, објавија британските медиуми.
Шпанското здружение на лица со ахондроплазија и други форми на скелетна дисплазија (ADEE) го пријави случајот во Канцеларијата за лица со попреченост при Министерството за социјални работи.
Канцеларијата поднесе кривична пријава до Државното обвинителство, кое сега ќе испита дали се прекршени законот и правата на лицата со попреченост. Здружението соопшти дека шпанскиот закон за правата на лицата со попреченост забранува организирање претстави или друга забава што може да предизвика исмејување и потсмев на лицата со попреченост.
„Ја осудуваме практиката на ангажирање џуџиња за забавување на забави. Ова го крши законот и основните етички вредности на општеството кое се стреми да ја зачува еднаквоста и достоинството на своите граѓани. Исто така, поттикнува стереотипи и дискриминација кон лицата со попреченост“, соопшти ADEE.
Роденденската забава се одржа во недела, 13 јули, на имот во градот Оливела, 50 километри северозападно од Барселона, а на неа присуствуваа, меѓу другите, соиграчите на Јамал од Барселона и некои таканаречени „инфлуенсери и јутјубери“. Шпанските медиуми објавија интервју со лице кое тврдеше дека било меѓу забавувачите на роденденската забава и кое застана во одбрана на Јамал.
„Не разбирам зошто има толку врева. Ние сме нормални луѓе кои работат како забавувачи, не сме циркуски мајмуни. Ги знаеме границите и секогаш ги почитуваме. Она што го правиме е легално и никој на забавата не покажа никакво непочитување. Нашата претстава траеше еден час, а потоа им се придруживме на гостите на роденденската забава. Пиевме, танцувавме, изведувавме магични трикови… Сите се забавуваа одлично“, изјави за радио станицата „Рац 1“ (RAC 1) забавувач кој сакаше да остане анонимен.
Британската „Би – Би – Си“ побара коментар од фудбалскиот клуб Барселона во врска со овој случај, но портпаролот кажа дека клубот не може да коментира настан што е приватен живот на играчот и дека ќе можат да дадат соопштение дури откако ќе бидат утврдени конкретните факти поврзани со забавата.
Фото: ЕПА