Австрија воведе нови сообраќајни правила: казни до 2.180 евра за недозволен влез во градски зони

Австрија воведе нови сообраќајни правила: казни до 2.180 евра за недозволен влез во градски зони

пред 5 часа

Возачите кои ова лето ќе патуваат низ Австрија треба да обрнат посебно внимание на новите сообраќајни правила, бидејќи прекршувањата можат да резултираат со високи парични казни.

Камери ќе го контролираат пристапот во одредени зони

Австриските власти воведоа систем за автоматска контрола на возилата кои влегуваат во одредени градски зони. Надзорот ќе се врши преку камери што ги регистрираат табличките на возилата и проверуваат дали тие имаат дозвола за влез.

Мерките не се однесуваат само на австриските граѓани, туку и на странските возачи и туристи кои транзитираат низ земјата.

Според измените во австрискиот Закон за сообраќај, градовите и општините ќе можат да поставуваат камери на влезовите во зоните каде што важат ограничувања за одредени категории возила. Таквите подрачја ќе бидат јасно означени со сообраќајна сигнализација.

Казни до 2.180 евра

Доколку камерата утврди дека возилото нема право на влез во одредена зона, сопственикот може да добие парична казна.

За стандардни прекршоци е предвидена казна до 726 евра, додека за потешки или повторени прекршоци санкцијата може да достигне и до 2.180 евра.

Вакви системи веќе подготвуваат или планираат поголемите австриски градови, меѓу кои Виена, Линц, Грац и Санкт Пелтен.

Преоден режим за странските возила

За возилата со странски регистарски таблички засега ќе важи преоден режим. Иако камерите можат да ги препознаат табличките, податоците за сопствениците сè уште се проверуваат рачно, бидејќи не постои целосно автоматизирана размена на информации меѓу сите европски регистри.

Од 2027 година се очекува побрза и поедноставна размена на податоци меѓу земјите-членки на Европската Унија.

Нови правила и за електричните возила

Значајни измени се воведуваат и за електричните мопеди, кои отсега ќе се третираат како моторни возила.

Тоа значи дека за нив ќе бидат задолжителни:

– регистарски таблички,
– осигурување,
– возачка дозвола,
– заштитна кацига.

Промени има и за корисниците на електрични тротинети и електрични велосипеди.

За електричните тротинети повеќе нема да биде дозволен превоз на други лица или товар, ќе бидат задолжителни покажувачи на правец и ѕвонче, а дозволената граница на алкохол во крвта се намалува од 0,8 на 0,5 промили. Носењето кацига ќе биде задолжително за лица помлади од 16 години.

Кај електричните велосипеди, кацигата станува задолжителна за сите возачи помлади од 14 години.

Австриските власти соопштуваат дека целта на мерките е поголема безбедност во сообраќајот, подобра контрола на пристапот до одредени градски подрачја и појасна регулација на сè побројните електрични возила.

Текстот Австрија воведе нови сообраќајни правила: казни до 2.180 евра за недозволен влез во градски зони е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top