Бајден со порака до Украина: САД ќе одговорат решително доколку Русија одлучи да нападне

пред 3 години

Американскиот претседател Џо Бајден му рекол на украинскиот претседател Владимир Зеленски во неделата дека Соединетите Американски Држави и нивните сојузници ќе одговорат одлучно доколку Русија ја продолжи инвазијата на Украина, се вели во соопштението на Белата куќа, пренесуваат медиумите.

Претседателите на САД и Украина, Џозеф Бајден и Владимир Зеленски, остварија телефонски разговор за време на кој американскиот лидер ја објави подготвеноста на Вашингтон и сојузниците да дадат решителен одговор во случај ситуацијата на украинската граница да се влоши, изјави портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.

„Бајден јасно стави до знаење дека САД, нивните партнери и сојузници решително ќе одговорат доколку Русија во иднина ја нападне Украина“, рече Псаки.

Според неа, лидерите изразиле поддршка за дипломатските напори во рамките на претстојните контакти со Москва преку НАТО и ОБСЕ. Покрај тоа, Бајден на Зеленски му ја потврдил посветеноста на САД за заштита на територијалниот интегритет на Украина.

„Тој, исто така, изрази поддршка за мерките за градење доверба насочени кон деескалација на тензиите во Донбас и активна дипломатија за унапредување на спроведувањето на договорите од Минск“, се вели во соопштението на портпаролката на Белата куќа.

Украинскиот лидер од своја страна прецизирал дека за време на разговорите со американскиот колега се разговарало и за внатрешните работи на Украина.

„Првиот меѓународен разговор оваа година со претседателот на САД е доказ за посебната природа на нашите односи. Разговаравме за заедничките активности на Украина, Америка и партнерите за зачувување на мирот во Европа и спречување на понатамошна ескалација, реформи и деолигархизација. Ја цениме силната поддршка за Украина“, напиша Зеленски на својот Твитер профил.

Медиумите потсетуваат дека Киев и западните земји неодамна изразија загриженост поради наводното интензивирање на агресивните акции на Русија во близина на границите на Украина. Москва нагласува дека преместувањето на војниците се врши во согласност со Уставот и на територијата на Русија и дека западните земји ја користат оваа теза како изговор за натамошно проширување на НАТО.

Share
Scroll to Top