Американскиот државен секретар, Eнтони Блинкен не очекува голем напредок во американско-руските безбедносни преговори оваа недела, но се надева дека сè уште има области за кои двете страни би можеле да се договорат.
„Мислам дека нема да видиме големи промени во неделата што следи“, изјави Блинкен во емисија на „Си-ен-ен“.
Блинкен ја предупреди Русија на опасност од конфликт пред почетокот на исклучително тензичните преговори за ситуацијата во Украина, кои ќе се одржат во Женева.
„Од една страна, постои дијалог и дипломатија што може да се обиде да реши некои од разликите и да се избегне конфликт“, изјави Блинкен за Си-Ен-Ен.
„Другиот начин е конфликт и големи последици за Русија, доколку таа земја прибегне кон агресија против Украина. Дадена ни е можност да видиме кој пат претседателот Путин е подготвен да го избере“, рече тој.
САД и Русија денеска во Женева ќе започнат преговори за растечките тензии околу ситуацијата во Украина, при што Москва бара нов сеопфатен безбедносен аранжман со Западот, но се соочува со силен притисок да се повлече.
Преговорите на високо ниво отвораат недела на дипломатија, пришто Русија ќе се сретне со НАТО и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), а САД се обидуваат да ги уверат европските сојузници дека нема да бидат отфрлени.
Руските преговарачи, предводени од заменик министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков, веќе пристигнаа во Женева.
Русија собра десетици илјади војници на границата со Украина од крајот на минатата година и бара гаранции дека НАТО нема да се прошири кон исток или да постави нови бази во поранешниот Советски Сојуз.
Рјабков во неделата повтори дека на државата и се потребни гаранции од Алијансата дека нема дополнително да се шири.
Соединетите држави, кои ќе ги претставува заменик-државниот секретар Венди Шерман, се согласија на преговорите, иако јасно ставија до знаење дека многу од предлозите на Москва не се добар почеток.