Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро беше осуден во саботата на парична казна од 108 долари за учество на мотоциклистичка манифестација во државата Сао Паоло без носење заштитна маска.
Илјадници мотоциклисти учествуваа на настанот наречен „Гас за Христос“. Екстремно десничарскиот претседател водеше поворка со мотоцикл без маска, со што ги прекрши државните прописи на Сао Паоло.
Властите му изрекоа казна на претседателот, неговиот син Едуардо, член на Конгресот, а министерот за инфраструктура Тарсисио Гомеш исто така беше казнет затоа што не носел маска и не одржувал физичка дистанца.
Болсонаро долго се противеше на мерките за заштита од пандемијата Ковид-19, во која починаа скоро 485.000 луѓе во Бразил. Тој редовно ги критикува мерките за карантин, како и носењето маска и заговара спорни лекови.
Обраќајќи им се на своите приврзаници, Болсонаро рече дека вакцинираните лица не треба да носат маски затоа што е невозможно вакцинираното лице да го пренесе вирусот.
Нема научен консензус за тоа дали вакцинираните лица се заразни.
Болсонаро исто така рече дека секогаш може да смета на полицајците „без оглед што се случило“ и ја нарече државната воена полиција „негова армија“.
„Вие сте асистенти на вооружените сили. Сигурен сум дека во согласност со законот и редот, ќе бидеме заедно, без оглед што се случи“, рече тој.
На претседателските избори во 2022 година, противник на Болсонар најверојатно ќе биде поранешниот левичарски претседател Луиз Инасио Лула да Силва, иако ниту еден од нив сè уште не ја номинирал својата кандидатура.