(Видео) Нападнати полицајци, наставник полеан со бензин – 500 средни училишта во Франција затворени поради протестите

(Видео) Нападнати полицајци, наставник полеан со бензин – 500 средни училишта во Франција затворени поради протестите

пред 5 часа

Францускиот министер за образование, Едуар Жефре, најави дека денес ќе бидат делумно или целосно затворени до 500 училишта низ земјата, по судирите што се случија изминатите денови меѓу полицијата за разбивање демонстрации и учениците-протестанти.

„Наставата ќе биде целосно или делумно прекината во меѓу 400 и 500 средни училишта бидејќи не се исполнети безбедносните услови“, изјави Жефре. Тој додаде дека 24 училишта биле „запалени или ограбени“ откако започнале протестите.

Илјадници ученици изразуваат незадоволство од состојбата во образованието, а протестите – кои започнаа минатата недела во Париз – се проширија и во други градови, вклучувајќи ги Монпелје, Нант и Марсеј. Средношколците и другите демонстранти се незадоволни поради недостигот на наставници, пренатрупаните училници и дотраените училишни згради.

Францускиот министер за правда Жералд Дарманин во петокот изјави дека 735 од вкупно 3.700 француски училишта биле на еден или друг начин погодени од насилните протести.

Министерот за образование предупреди дека бројот на училишта што би можеле да бидат погодени од протестите денес би можел да биде сличен на оној од петокот, но вети „делумно и постепено враќање на наставата“.

„Постојат активисти, особено од крајната левица, кои се инфилтрираа во движењето на средношколците, им го презедоа од самите ученици и прибегнаа кон екстремно насилство“, тврди Жефре.

„Јасно е дека ова претставува ризик и за нашите вработени и за учениците“, рече тој. Додаде дека се повредени 78 вработени во образованието, што го опиша како „нешто што досега не е видено“.

Според францускиот министер за внатрешни работи, Лоран Нуњез, во петокот биле уапсени 1.747 лица. Вкупно, повеќе од 5.000 луѓе се уапсени од почетокот на протестното движење, објави новинската агенција АФП, при што околу 85 отсто од уапсените се малолетници.

Малолетниците сочинуваат 85 отсто од уапсените. Вчера беше приведен 16-годишник по напад врз наставник во јужниот град Ла Сиота. Во петокот, 59-годишниот наставник бил удрен и полеан со бензин за време на протестот на средношколците.

Минатата недела, францускиот огранок на „Амнести интернешнл“ ја осуди „несразмерната полициска сила“ употребена против демонстрантите и изјави дека на учениците и студентите мора да им се овозможи да го изразат своето незадоволство.

„Властите мора да им овозможат на младите да ги остварат овие права без страв дека ќе бидат погодени со солзавец или палки, или дека ќе бидат приведени“, изјави Ан Савинел-Барас, претседателка на „Амнести“ во Франција.

Сепак, министерот за внатрешни работи, Лоран Нуњез, изјави дека безбедносните сили не вршат „репресија врз младите“, туку ги „штитат“ учениците и студентите кои сакаат „мирно да ги изнесат своите барања“.

фото/ЕПА

Текстот (Видео) Нападнати полицајци, наставник полеан со бензин – 500 средни училишта во Франција затворени поради протестите е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top