Комета каква што досега не е видена во историјата е на пат да помине низ внатрешниот дел на Сончевиот систем за помалку од една деценија, но астрономите велат дека тоа не е причина за загриженост.
„Кометата 2014 UN271“ првпат беше забележана за време на мисијата за истражување на темната енергија во 2014 година, но набљудувачите не знаеја дека податоците укажуват токму на таа комета се до овој месец, објавија научните списанија.
Откриена е и именувана од Педро Бернардинели и Гери Бернштајн, така што е позната и како „Комета Бернардинели-Бернштајн“.
„Имавме привилегија да ја откриеме можеби најголемата комета некогаш видена, или барем поголема од која било што досега сме ги проучувале и ја фативме доволно рано за луѓето да гледаат како се развива кога се приближува кон Сонцето и се загрева“, рече Бернштајн од Универзитетот од Пенсилванија.
„Кометата не го има посетено Сончевиот систем повеќе од три милиони години“, посочи тој.
Поради својата големина, некои ја нарекоа „мега комета“. Се проценува дека е широка од 94 до 370 километри. За споредба, Халеевата комета е широка околу 5,5 км.
Се смета дека астероидот кој играл улога во истребувањето на диносаурусите бил широк околу 11 километри кога го погодил Јукатан, создавајќи кратер широк 200 километри.
„Доколку „мега комета“ ја погоди Земјата, тоа би било катастрофално, со глобални последици и климатски промени. Ако ја промаши земјата и падне во океанот, најверојатно ќе предизвика цунами“, сметаат експертите.
Сепак, напоменувааат дека Земјаните не треба да се грижат.
Иако кометата е огромна, потребен е телескоп за да се набљудува, бидејќи нејзината орбита е многу далеку од Земјата. Ќе биде невозможно да се види сè додека не се приближи до внатрешноста на Сончевиот систем, дури и со најсилниот телескоп. Ова значи дека астрономите не знаат точно кога следната комета со долг орбитален период ќе помине низ нашиот систем се додека не се приближи до Сонцето.
Другите комети кои почесто кружат околу Сонцето се попредвидливи.
Исто така, постои можност мега кометата на Бернардинели-Бернштајн да „приреди шоу“ на своето прво патување низ внатрешноста на Сончевиот систем во далечна иднина, така што може да ги изненади набљудувачите десет години однапред.
НАСА вели дека вакви комети, кои имаат орбитални периоди подолги од 200 години, веројатно потекнуваат од Оортовите облаци.